Aрсовска не се откажува од борбата: Ќе ја срушам урбаната мафија и воопшто не ми е гајле од која партија доаѓа

од Nikola Popovski
19 прегледи

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска реагираше на вчерашните обвинувања на ВЛЕН за незаконска градба во општина Сарај. Според Арсовска, сегашниот член на коалицијата која што ја обвинува, Мухамед Елмази бил член на Совет на град Скопје во овој мандат и истакнат член на ДУИ до септември 2024 година, кога, како што вели, претрпе магична трансформација и стана ВЛЕН за да го постават директор на државното НОМАГАС.

„Вчера барав на седница да се зборува за нелегални дивоградби во сите 10 скопски општини, ама Мухамед, иницијативата за дивоградбите од Сарај твоите коалициски партнери од ВМРО ја покренаа и сами си ја повлекоа.

Изгледа си пропуштил вчера на седница на совет кога побарав да се испитаат незаконските легализации на дивоградби во сите скопски општини вклучително Чаир и Сарај. Затоа што сакаш да глумиш политичар и на национална база да го сведеш ВАШИОТ криминал, читај тука: ЈАС ЗБОРУВАМ СО ФАКТИ И ЗА СЀ ИМАМ ДОКАЗИ“, порача градоначалничката и упати неколку прашања кон Елмази.

„ Дали си ти криминалец од ДУИ или од ВЛЕН? Дали знаеш дека од 150 дивоградби од Чаир кои ги имаме фатено и сме известиле во изминативе 3 години, знаеме во која имаш ГРАТИС стан и живееш во истиот. Дали знаеш дека следен тој предмет ќе го носам во јавното обвинителство бидејќи империјата на ТВОЈАТА УРБАНА МАФИЈА ќе ја срушам и воопшто не ми е гајле од која партија доаѓа“.

Коалицијата ВЛЕН реагираше на изградба на објект во скопската општина Сарај, за кој, според нив, нема издадено дозвола за градба и се користат фалсификувани документи. Елмази јавно ѝ постави прашање на градоначалничката на Град Скопје дали објектот се гради на приватно или на државно земјиште? Елмази најави дека доколку Арсовска продолжи да молчи, ВЛЕН ќе ги активира сите правни механизми против, како што рече, функционери на ДУИ кои градат без дозволи.

Слични содржини