Арсовска по наводите дека го истепала „командант Барути“: Од Рашче не извира толку вода колку што вие сте способни да украдете

Арсовска: Од Рашче не извира толку вода колку што вие сте способни да украдете

од Nikola Popovski
497 прегледи

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска синоќа реагираше на изјавата на членот на ВЛЕН и вицепремиер, Изет Меџити кој не го осуди инцидентот со неа што се случи минатиот петок. Арсовска истакнува дека вчера Владата му даде милиони евра за 17 проекти на, како што вели, неговото другарче Висар Ганиу градоначалник на Чаир.

-Тие се ваши пари, пари на граѓаните, што ќе ги отплаќа Македонија во следните 10 години, а сега ги трошите на овој што има 150 незаконски и небезбедни згради диво приклучени на скопскиот водовод и не плаќаат ни денар за вода. Лажи си ти Изет дека ЈП Водовод е крив, од природниот извор Рашче не извира толку вода КОЛКУ ШТО ВИЕ СТЕ СПОСОБНИ ДА УКРАДЕТЕ, стои во објавата на Арсовска на социјалните мрежи.

Претходно Меџити во вестите на Тв Сител рече дека градоначалничката го истепала едниот осомничен за нападот врз неа.

-Што да осудиме? Дека градоначалничката оди пред негова куќа и го истепа? За осудување е. Во нормална држава таа треба да даде оставка, кажа вицепремиерот.

-Имаме снимки се се глед, вели Меџити за наводниот напад на Арсовска врз „командант Барути“.

Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство и донесе одлука со која мерката куќен притвор за осомничениот С.Љ., инволвиран во нападот врз Арсовска, се заменува со мерка притвор.

Првоосомничениот С.Љ., кој се претставил како сопственик на објектот, започнал со навреди и закани, а потоа и физички ја нападнал градоначалничката. Во моментот кога реагирале присутните службеници и полицијата, второосомниченото лице продолжило со вербални закани. Според Обвинителството, со своите дејствија двајцата осомничени предизвикале чувство на страв и несигурност кај присутните.