Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска информира дека денес до Советот на град Скопје поднела иницијатива за враќање на името на улицата „Втора македонска бригада“, за која што вели, претходниот состав на советот ја променил во „Адем Демачи“, а за која Владата дала согласност за промена.
Арсовска ги повикува сите советници во Советот на град Скопје да гласаат во корист на оваа предлог одлука, со која, како што истакнува ќе се исправи неправдата кон повеќе од 230 херои, припадници на Втората македонска бригада од сите етникуми кои го дале својот живот за одбрана на Македонија.
Градоначалничката апелира оваа иницијатива да не се политизира ниту пак да се злоупотребува за кревање на етнички тензии, особено поради фактот што најголемиот дел од хероите, покрај Македонци биле токму Албанци, Роми и Власи.
Воедно, силно ја осудувам националистичката реторика и на косовскиот премиер Албин Курти сакам да му предложам нова иницијатива – во Приштина улица да биде именувана по Македонскиот револуционер Тодор Александров кој своевремено активно соработувал Хасан Приштина, Хасан Бејта и Бајрам Цури во борбата против окупацијата на СХС. За оваа соработка е донесена и одлука на ЦК на ВМРО на која за контакт бил назначен Петар Чаулев, објави Арсовска.
Претседателот Стево Пендаровски освен реакцијата за истакнување на симболи со националистички содржани на завчерашните собири во Тетово и Чаир по посетата на косовскиот премиер Албин Курти, реагира и за промена на името на улицата Втора македонска бригада. Тој во реакцијата вели дека начинот на реализација на идејата за преименувањето на улицата во општината Чаир е во спротивност со принципот на демократска дебата и почитување на историското наследство на сите заедници во државата.