Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ја продолжи „војната“ со градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. На духовит начин, таа преку објава на социјалните мрежи порача дека „лик како Вики Ганиу би требало да добие грант од Фонд за иновации, кога веќе не добива кривична пријава за над 150 противзаконски и опасни дивоградби кои ги кеширал“. Арсовска објави две фотографии на својот Фејсбук профил.
„Ако ги погледнеме двете сателитски снимки од кои првата е од денес, а втората од 2023 година ќе забележиме дека Ганиу успеал и да најде начин како да патува низ времето.
Јавното обвинителство не гледа никаков проблем зграда ИЗГРАДЕНА СЕГА, да биде заведена како објект кој е изграден пред 2011 година, иако очигледно е дека според ОФИЦИЈАЛНАТА снимката на Катастар која е направена во 2023 дека на таа локација нема зграда.
Снимката е јавно достапна на Катастар и може секој да ја види и истото да го утврди па дури и Јавното обвинителство. ОЧЕКУВАМ НА КАТАСТАР СИСТЕМОТ ДА ПАДНЕ, А ДОКАЗИТЕ КОИ СЕ ВО ОПШТИНА ЧАИР ДА БИДАТ УНИШТЕНИ, за што имавме информации и јавно ги истакнавме со докази, но никој не оди во Чаир овие докази да ги обезбеди со што се дозволува да се уништат.
Сега апелирам, или Вики да добие кривична пријава за фалсификување документи и овозможување на бесправна градба или да добие грант од Фонд за иновации за изум за патување низ времето“, стои во ставот на Арсовска.
Ганиу тврди дека Чаир не е ни меѓу петте општини со најмногу дивоградби во Скопје, но оваа акција што ја презема градоначалничката на Скопје е од други побуди. На вчерашната прес-конференција, Ганиу рече дека на суд ќе се докажува кој објект е дивоградба. Но, смета дека не е во ред само по Општина Чаир да се вика.
По видеата на Арсовска, градоначалникот заедно со негови сопартијци и десетици поддржувачи, истурија смет пред бараките на Град Скопје, кој бил собран во камион од скопската Чаршија.
„За истурањето на сметот, знаев дека е тоа противзаконски, но немав друго чаре како да постапам. Наше богатство е Чаршијата, тоа е нашата држава. Да го оставиш на тоа ниво со смет, кај што има туристи, не е во ред“, рече Ганиу, кој потенцира дека општина Чаир не должи 7 милиони денари на Јавното претпријатие Комунална хигиена, како што тврдеше Арсовска во едно од видеата.