Арсовска: Поради нестручните амандмани на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните нема да добијат субвенции за поддршка поради енергетската криза

од Vladimir Zorba
125 прегледи

Денеска се случи токму она за кое предупредувавме. Нестручните и несоодветни амандмани за ребаланс на буџетот поднесени од страна на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ го блокираа градскиот буџет за што потврда добивме и од страна на Министерството за финансии кое не извести дека од овие причини буџетот не може да се вчита, истакна на денешната прес конференција градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.

Според неа, лицемерието и деструктивноста на советниците на ВМРО-ДПМНЕ има само една и единствена цел, а тоа е блокирање на градот Скопје.

„Тоа сега се потврдува и благодарение на овие нестручни амандмани нуту ФК „Вардар“ ќе ја добие финансиската помош која ја очекува ниту граѓаните ќе ги добијат субвенциите што требаше да бидат поддршка поради енергетската криза, ниту скопјани ќе добијат нови садници во ек на сезоната на садење. Поради блокадата на буџетот од амандманите на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да може да се изградат улици во Шуто Орзиари, Чаир, Кисела Вода, Аеродром“, додаде Арсовска.

Таа рече дека лицемерието на советниците од ВМРО-ДПМНЕ се гледа и во нивното инаетење.

„Иако беа предупредени од страна на стручните служби на градот Скопје и тоа на комисијата за финансирање која се одржа пред седницата каде се разледуваше ребалансот на буџетот дека во оваа форма амандаманите ќе го блокираат буџетот, тие одбија да ги преработат за да бидат функционални. Оттука не може да заклучиме ништо друго освен дека Трајко Славески и советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги исполнуваат единствено желбите на нивниот лидер Христијан Мицкоски за што директна штета трпат Скопје и скопјани“, нагласи Арсовска.

За ова однесување, таа рече дека имаа поднесено претставка до Инспекторатот за локална самоуправа, а срамот на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и штетата од блокадата на Град Скопје ќе се обидат да ја надминат во интерес на граѓаните.

„Лично се заложувам да се надмине оваа состојба и да се реализраат сите проекти кои се од интерес на граѓаните. Со блокади на буџетот невозможно е да се реализираат проектите кои се ветени на граѓаните. И затоа апелирам до овие советници наместо Христијан Мицкоски приоритет да им бидат граѓаните и она кое треба да се реализира во интерес на граѓаните и истото да го демонстрираат со конструктивна соработка и со тоа што реално, а не лажно ќе демонстрираат поддршка на програмата на Град Скопје. Оваа програма мора да се реализира и затоа барам свикување на итна седница на која ќе се изнајде решение за оваа состојба“, истакна градоначалничката.

Слични содржини