Арсовска повторно во судница: „Насилникот има долга листа на кривични дела и одлежано повеќе години затвор“

Арсовска се соочува во судница со вториот насилник кој летово ја нападна вербално

од Nikola Popovski
41 прегледи Фото: Принтскрин

Денес градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска се соочува во судница со вториот насилник кој летово ја нападна вербално, а при обидот за физички напад беше спречен и задржан од полицијата.

„Насилникот има долга листа на сторени сериозни кривични дела и одлежано повеќе години ефективна казна затвор за истите. Системот им дозволува да напаѓаат, да вршат насилство и да убиваат, поради што слободно се движат“, порача Арсовска во јавна објава.

На 11 јули градоначалничката Арсовска беше физички нападната во Општина Чаир, при увид на терен, на локација каде се гради дивоградба спроти Полициската станица Чаир.

Основниот кривичен суд Скопје на 2 септември 2025 година ја донесе и јавно ја објави пресудата со која обвинетиот Сулејман Љамалари е огласен за виновен за сторено кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по што му е изречена казна затвор во траење од две години, затоа што на 11 јули 2025 година ја нападна физички и изврши грубо насилство врз градоначалничката.

Инцидентот следеше откако Арсовска во пресрет на локалните избори наесен иницираше „лов“ на дивоградби во општина Чаир.  Таа вршеше обиколки на неколку локации низ Општина Чаир каде што се извршуваат градежни активности и обвини дека станува збор за дивоградби, директно посочувајќи ја вината кај претходниот градоначалник Висар Ганиу од владината коалиција ВЛЕН.