Јас не сум политичар и тоа што ме интересира е да се работи во интерес на сите скопјани. Сакаме да направиме резултати, а доколку резултатите не се на задоволително ниво, нормално е треба да има одговорност и реакции. Секој има одговорност пред граѓаните. Таа доверба од граѓаните не смее да се изневери, рече градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска откако во текот на вчерашниот и денешниот ден ги смени директорите на неколку јавни претпријатија во склоп на Градот.
Арсовска истакна одамна немала контакт со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Јас како човек на кој му беше довербата од скопјани, нема да дозволам политички влијанија во градот. Сметам дека сум должна кон сите скопјани, без разлика дали ме гласаа или не. Јас сметам дека довербата нема да ја изневерем. Секој оној кој што нема да испорача резултати, треба да си понесе одговорност. Ќе останам достојна, нагласи Арсовска.
Градоначалничката појасни дека документите за работењето на довчерашниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински се подготвени и ќе бидат доставени до Обвинителството.
– Подготвени се документите и ќе бидат доставени до надлежното јавно обвинителство и понатаму ние не сме суд да цениме. Имам очекувања и сакам да превенирам да се случува нешто што е спротивно на интересот на скопјани. Ова е буџет на граѓаните и нема да дозволам некој да си подигрува особено не во економска и енергетска криза, рече Арсовска во вестите на Тв Канал 5.