Арсовска со нови детали од судењето: „Полициски шеф поднел прекршочна против мене дека сум го истепала неговиот миленик командант Барути“

од Nikola Popovski
465 прегледи

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска сподели детали од нападот врз неа во Чаир откако вчера почна судењето против напаѓачот Сулејман Љамалари. Арсовска објави на социјалните мрежи што всушност осомничениот им кажал на полицајците на 11 јули кога се случи немилиот настан во скопската општина.

-На снимките ова лице на полицајците кои се обидоа да го задржат по нападот, се слуша како дрско им вели „Барај си го шефот“.

На судењето вчера од адвокатката на насилникот дознав дека додека мене ме држеа 2,5 часа во полициската станица во Кисела Вода и смислуваа стратегии, од полициската станица Бит Пазар по службена должност полицискиот „шеф“ поднел прекршочна пријава против мене дека сум го истепала неговиот миленик командант Јамалари Барути.

Адвокатката на Јамалари, меѓудругото рече дека и тој самиот бил жртва на физички напад и имал телесни повреди, ме пријавил за насилство, а побара и материјалните докази поднесени меѓу кои се фотографиите и видеозаписите да не се прифатат, објави Арсовска.

Поранешниот вработен во „Паркови и зеленило“ се товари дека извршил насилство додека градоначалничката постапувала по пријави од граѓани за дивоградби и нелегални приклучоци на вода и струја во Чаир. Прво вербално ја нападнал со пцости, а потоа и физички, кога и нанел неколку телесни повреди. Кај Арсовска и во јавноста предизвикал чувство на несигурност и страв, рече на првото рочиште обвинителот Александар Давчевски. Достави и медицинско вештачење за повредите на Арсовска.

Градоначалничката вчера во судницата опиша дека нападот траел над 40 минути, во кои обвинетиот, и покрај интервенцијата од страна на полициските службеници, продолжил да се обидува да нападне и други претставници од градската администрација.

-Се почувствував небезбедно за мојот живот, за животот на моето семејство. Целиот час што го поминавме таму, во терор од континуирани закани и навреди, и самото тоа што мораше интервентна полиција да нѐ вади, почувствувавме дека сме небезбедни на местото, истакна таа.

Во своето сведочење, Арсовска наведе дека обвинетиот бил истото лице што, според нејзини сознанија, и претходно ѝ упатувал закани преку социјалните мрежи. Таа изјави дека тие закани ги објавила јавно на својот профил и подоцна ги идентификувала како поврзани со обвинетиот.

Арсовска посочи и дека 7 дена пред нападот тој и се заканувал на социјалните мрежи со зборовите ќе зажалиш и ќе видиш што ќе ти се случи.

Прашана зошто не го потпишала записникот во полициската станица, Арсовска рече дека не се согласувала со напишаното, тоа не биле нејзини зборови.