Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска повторно се обрати до премиерот Христијан Мицкоски во однос на проблемите со ѓубрето во Град Скопје и несобирањето од страна на „Комунална хигиена“. Прашува „доколку градот може да се исчисти за 72 часа, не разбира што се чека во моментов“.
„Нормално лесно ќе го решите проблемот кој вие го креирате, а можевте и до сега, знаеш колку пати 72 часа поминаа во овие 4 години. Ајде да се вратиме на проблемот поради кој го правиш овој хаос со “ѓубрето”, затоа што ми досади од твоите нарачки и напади со маслинка медиумите и ботовите. Со месеци заедно со твоето дипломатче чудо од дете плачевте по целиот дипломатски кор, дека си имал проблем со коалицискиот партнер за локални избори поради Чаир. Демек јас жена сама многу проблеми ви правам. Еве бевте 2 месеци раат од мене за да не ми се јавуваат пола амбасадори во Македонија дека кукаш ќе ти се рушела коалиција поради криминалот на твоите партнери од Чаир“, објави Арсовска на социјалните мрежи.
Градоначалничката истовремено бара уривање на дивоградбите во скопски Чаир по теркот на делувањата на албанскиот премиер Еди Рама во неговата земја.
„Сега кога коалицискиот ти победи во Чаир, ај да почнеш да бидеш и ти лидер ко Еди Рама и да срушиш сѐ што не е безбедно за скопјани. Или на овој Изет уште не смееш да му писнеш?
Ајде ајде, финансова полиција и МВР по твоја нарачка експресно упаѓаат по институции 2 дена откако ќе пријави твој партиски другар. Значи се можело. А јас повеќе од 6 месеци пријавувам и чекам во Чаир со тебе и твоиве институции заедно да одиме да ти го покажам лично криминалот“, додава Арсовска во обраќањето до премиерот.
Владата на вчерашната седница донесе заклучоци за итни мерки во врска со проблемот со собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад во Град Скопје. Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје се задолжуваат, во соработка со Министерството за внатрешни работи, веднаш да започнат координиран вонреден инспекциски надзор на територијата на градот. Целта е да се утврди состојбата со отпадот и да се преземат соодветни мерки.