Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска сподели со јавноста дека Општина Чаир вчера во 14.44 часот до Агенцијата за катастар на недвижнини поднеле Решение за поништување на Решението кое го издале за криминалната легализација со фалсификувани документи што ја откриле градските власти.
Според градоначалничката, наместо во истрага за криминалот, институциите во Македонија активно учествуваат, поддржуваат и поттикнуваат криминал.
„Решението го антидатирале демек е направено на 02.05.2025 за да изгледа дека постапиле пред целиот криминал да биде објавен јавно, ама не можат да покријат дека вчера им е поднесен во катастар неколку часа по нашите пријави во МВР.
Срамот да биде поголем во обидот за прикривање докази активно учествуваат Владата и Министерот за внатрешни работи кои наместо да „филозофираат“, треба да постапуваат за да ги фатат криминалците, а не да дозволат тие да ги покријат нивните криминали.
Досега требаше да сте во општината и да ги имате обезбедено сите докази, а не да им дозволувате на Висар Ганиу и Изет Меџити да си ги покриваат криминалите и да УНИШТУВААТ ДОКАЗИ!!!
Јавното обвинителство мора да постапи во разоткривање на криминалот кој се случува пред очите на целата јавност“, објави Арсовска.
Таа во објавата ги означи и амбасадите на САД, Германија и Обединетото Кралство, како и Делегацијата на ЕУ во Македонија.