Арсовска тврди дека не е одговорна за косењето на тревата во Влада: Џафери сам треба да си го уреди дворот

од Nikola Popovski
234 прегледи

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска одговори на прозивките на Талат Џафери за неискосената трева во дворот на Владата. Таа тврди дека техничкиот премиер лаже кога вели дека сопственост и надлежност на Град Скопје и ЈП “Паркови и зеленило“ било да се грижи за зеленилото во Влада.

-Талат Џафери ако до сега не знае дека сам треба да си го уреди сопствениот двор, таа лекција ни денес нема да ја научи сигурно. Од в.д. премиерот од Форино, што кога излегува од дома до Влада ги гаси попатно сите семафори и прави хаос низ градот, не е ни очекувано дека би требало да знае што е негова обврска, тој само знае какви бенефиции може да искористува, критикува Арсовска.

Според неа, ЈП “Паркови и зеленило” ги одржува градските булевари и паркови површини кои се надлежност на претпријатието согласно Закон.

-А ако сака в.д. премиерот Талат од Форино да ги ангажира да работат во Влада за истото треба да си склучи Договор, исто како и секоја друга институција во Македонија, објаснува градската мајка.

Џафери пак, денеска објасни дека според процедурите и прописите, земјиштето е во надлежност на Град Скопје и според обврските, ЈП „Паркови и зеленило“ треба да се грижи за изгледот.

-Владата нема предвидено средства, ниту може да предвиди средства за работи кои што се надлежност на друга институција. Жалам што изгледа така, но на изборите, соодветен одговор доби градоначалничката на Град Скопје во однос на изборниот резултат. Граѓаните гледаат и оценуваат и си го дадоа својот одговор, кажа техничкиот премиер, одговарајќи на новинарски прашање во прес-центарот на Владата.

Слични содржини