На покана на градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, градоначалничката на градот Скопје, Данела Арсовска, денеска беше во службена посета на Белград.
Арсовска истакна дека оваа година е 10-годишнина од договорот за партнерство меѓу Скопје и Белград.
„Договоривме конкретни проекти за кои верувам дека во следната година ќе имаме сериозна имплементација. Двата града работат интензивно на справување со предизвиците но и на споделување на позитивните практики. На средбата се разговараше на повеќе теми, меѓу кои и превземање на искуства со цел подобрување на јавните услуги како и конкретни активности за кои се договори оформување работни тела со претставници на двата града. Заедно со градоначалникот Шапиќ, договоривме и конкретна соработка на проекти од заеднички интерес“, истакна Арсовска.
Белградскиот градоначалник доби покана да го посети градот Скопје и истакна дека во двата града живеат братски народи, Македонскиот и Српскиот.
Тој додаде и дека токму овој близок однос помеѓу Скопје и Белград ја прави полесна и соработката.
„Од сето ова треба да извлечеме бенефит и да ги искористиме искуствата на Скопје, а тие да искористат некои наши искуства и на тој начин да си помогнеме“, истакна Шапиќ.