Луѓето можат да прозрат низ целата ситуација бидејќи овие дојави се исклучиво во скопските средни училишта. Немаме во основните училишта. Оставам на јавноста да оцени кој би имал интерес само во овие училишта кои се под Град Скопје. Не во другите градови, туку само тука во средните училишта. Тоа е сериозно. Неодговорно е дека може некој да дојде до дијаболичен план да си игра со децата, нивната сигурност и безбедност. По се можете да посегнете, но по децата не можете, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во емисијата „Студио 10“.
Според неа, не смее никој да си дозволи да се посегне по деца за политика и политички поени.
-Зошто не го имало досега? Зошто сега го има? Може да оди на конто на оној пореметен ум. Ова е болно однесување кој што сака некому да штети. По децата не смеете да посегнете, рече Арсовска за лажните дојави за бомби во неколку средни училишта.
Изминатите 10 дена анонимните дојави на електронските адреси на училиштата пристигнуваат во утринските часови. Претходно тоа беше попладне. Од МВР засега без конкретни информации за испраќачот, освен дека првични сознанија има, но без конкретен епилог. Дел од експертите ова го толкуваат и како хибриден напад.