Точно е дека во Западен Балкан се чистат голем дел од работите, но останува најголемиот проблем, високиот криминал и корупција и тоа ќе продолжи да биде фокус во целиот регион, рече во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 ТВ аналитичарот Петар Арсовски кој додаде дека е потребно прочистување во судската фела.
„Она што го најави премиерот не е ветинг, ниту пак генерален реизбор. Генерален рез треба да се направи со мнозинство. Европската Унија се спротивставува зошто смета дека не треба власта на таков начин да се меша во судството. Антикорупциската комисија, судскиот совет и слично треба да проверуваат цело време, дали судиите драматично се стекнале со некој имот додека ја вршат таа улога. Како главна тема на граѓаните, владеењето на правото ќе продолжи да доминира и на изборите и по изборите. Основната теза со која не се солгасувам е дека нема желба, тие имаат желба, но немаат капацитет, нема политички консензус“, рече Арсовски.
Според професорот Самоил Малчевски, член на ВМРО-ДПМНЕ, во предизборие се ветува се и сешто.
„Она што евроамбасадорот го изјави денеска се коси со извештајот на Прибе.Ветуваа генерален реизбор на судии, па кажаа дека е малку тешко да се направи тоа, па ќутеа. Дојда претседателските избори, ветуваа што ветуваа, победија како победија, па почнаа срамежливо да зборуваат за ветинг. Нив не им одговараат промени, туку ваков систем лесен да се контролира. Ова е предизборен фолклор што сега го гледаме“, рече Малчевски.
Арсовски пак, истакна дека не е решено целосно одвојување на трите столба на власт, зошто судиите не се бираат на избори.
„Мислам дека на Заев во моментот не му одговара ситуацијата во судството. Не постои решение без лидерска средба, не постои решение без консензус од сите партии“, рече аналитичарот Петар Арсовски.
Според Самоил Малчевски, на власта и одговара моменталната состојба и застарување на делата на претставници од претходната власт.
„Целта им е една и единствена, да го контролираат судството. И кога беше ВМРО-ДПМНЕ на власт зборував дека треба да се реформира судството и сега велам“, рече Малчевски.