„Навистина е срамота почитуваниот доктор, а катастрофален министер Венко Филипче своето катастрофално работење и негрижа за пациентите да го затскрива преку деца од младината кои ги пушта да држат пресови“, истакна денес портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Димче Арсовски од пред министерството за здравство.
Арсовски обвинува дека здравството, сите клиники и болници низ државава се во катастрофална состојба.
За жал, броиме црни рекорди и биланси вели, каде што бројката на починати дневно достигнува рекорди. Бројката на новозаразени исто така секојдневно достигнува рекорди. Црниот биланс е 1212 починати до вчера, односно 606 починати на еден милион жители, што не вбројува во земјите со највисока смртност. И за тоа не е виновно ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту Христијан Мицкоски, ниту јас како Димче Арсовски, ниту граѓаните, а најмалку медицинските лица. За тоа е виновен единствено министерот и политичар Венко Филипче што не овозможува услови и што не менаџира добро со целата ситуација и министерството.
Во продолжение погледнете го целото излагање на Арсовски.
Од друга страна во меѓувреме, СДСМ одговори на обвинувањата на Арсовски, па го запраша каде се фотографиите од владеењето на ВМРО ДПМНЕ.
Имено велат, срамно, вулгарно и нечовечки е тоа што ВМРО-ДПМНЕ на некрофилски, морбиден начин се потсмева на жртвите од коронавирусот и нивните семејства, што тера политиканство во време на светска пандемија.
Оттаму велат дека по цели 70 години Владата предводена од СДСМ ги реновирашше интерните клиники и заедно со медицинскиот тим од нив направиле ковид центри за згрижување на пациенти заразени со Ковид-19.
„Венко Филипче направи систем со кој во секоја болница има ковид центар за згрижување на пациенти, а овозможи и непречено да функционираат редовните интервенции и прегледи во рамките на мој термин. Додека цел свет е под огромен притисок поради пандемијата со вирусот Ковид 19, ВМРО-ДПМНЕ единствено што има на дневна агенда е спас на наследникот на Груевски, губитникот Христијан Мицкоски. За следната прес-конференција Димче Арсовски нека земе слики од архивата на ВМРО-ДПМНЕ, од Клиниката за инфективни болести кога во време на ВМРО-ДПМНЕ таму немаше ни топла вода. Ако Арсовски не знае бидејќи тоа време беше дел од Демократска десница, нека сврти некој телефон до Будимпешта да го избрифираат“, се вели во реакцијата.