Артета: Јас тренер во Барселона? Денес и утре сум во Арсенал

од Nikola Popovski

Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, вели дека е целосно фокусиран на својата работа и дека е исклучително среќен во тој фудбалски клуб, по шпекулациите дека е меѓу кандидатите за тренер на Барселона.

Претседателските избори во Барселона ќе се одржат во недела, а еден од претендентите за таа позиција Жоан Лапорта, кој е и најголем фаворит, има намера да го донесе Артета, наместо досегашниот тренер Роналдо Куман, објави Каталонското радио.

Артета ја помина фудбалската академија во Барселона, но го напушти клубот во 2002 година откако не одигра ниту еден натпревар.

Тој еднаш беше асистент на Пеп Гвардиола во Манчестер Сити, кој во 2008 година беше донесен од Лапорта во Барселона.

„Секогаш ќе има шпекулации кога се одржуваат избори во Барселона. Тоа е одличен клуб, јас пораснав таму како играч и секогаш ќе бидам поврзан. Но, јас сум целосно фокусиран на работата што ја работам тука, имаме многу што да направиме и навистина уживам во тоа. Јас сум привилегиран да го водам Арсенал и крајно сум среќен“, рекол Артета, пренесе Скај.

На прашањето дали би сакал да биде тренер на Барселона еден ден, Артета одговори: „Денес и утре сум менаџер на фудбалскиот клуб Арсенал, навистина уживам во тоа и сакам да бидам многу подобар од порано“.

Артета го освои ФА Купот со Арсенал минатата сезона, во кој дојде од Сити во декември 2019 година. На прашањето дали започнале преговори за нов договор, Артета одговори дека не започнале.

„Ние сме во средина на сезоната, имаме уште многу за играње и договорот не е приоритет во моментов. Имам договор и среќен сум овде, мислам дека договорот не е итно прашање “, изјавил Артета. Арсенал во моментов е на 10-то место во Премиер лигата со 37 бода.

Слични содржини