Артета пред Баерн: Ова е местото каде сакаме да бидеме

од Симе Стоиков
165 прегледи

Покрај исцрпната битка за првиот трофеј во Премиер лигата од 2003 година, Арсенал се бори и во Лигата на шампионите, каде што учествува за прв пат по шест години. Ривал во четврт-финалето ќе биде Баерн.

Тренерот на лондонскиот клуб Микел Артета беше одлично расположен на прес-конференцијата пред мечот со Баварците:

„Уживаме во моментот. Ова е местото каде што сакаме да бидеме. Ние сме во многу добра позиција во Премиер лигата, истото важи и за Лигата на шампионите. Пред нас е тешка задача, играме против еден од најуспешните и најголемите клубови во Европа“, изјави Артета.

Лошата форма на Баерн не го поколеба шпанскиот стручњак, па „Топџиите“ максимално фокусирани ќе влезат во утрешниот натпревар:

„Тежок противник. Јас сум голем обожавател на Томас. Кога длабоко ги анализирате, знаете зошто се толку добар тим. Добро се подготвивме и мора да го насочиме мечот во насока во која сакаме, само така може да победиме“, заклучи Артета.

Лондонскиот клуб и Баерн добро се познаваат, а германскиот гигант беше тој што го „одјави“ Арсенал во последната сезона во Лигата на шампионите, со вкупни 10:2 во корист на Германците. Интересно, последните три дуели меѓу овие две екипи завршија со резултат 5:1 за Баерн.

Слични содржини