Достапен сум 24 часа доколку Обвинителството ме повика да дадам исказ – ова за ТВ 24 го изјави Бекир Асани. Високиот партиски функционер на ДУИ кој се уште не е повикан од обвинителите, им порачува совесно да ја вршат својата работа и да не потпаѓаат под притисоци и влијание на медиумите. Екс претседателот на општинскиот огранок на ДУИ во Чаир, тврди, со полицајката Јасмина Јаначковска, само се расправал, но немало физички контакт, а тоа вели, може да го докажат и снимките. Асани се пожали дека бил жртва на хајка од медиумите.

„Барам од Обвинителството праведно и правично да го расчистат овој случај до крај, врз основ на дадените изјави и видео камерите, кои можат да ги обезбедат согласно законските прописи. Медиумите пак треба објективно да ја информираат јавноста, а не да ги нарушуваат основните принципи и човекови права“, вели Асани за ТВ 24.
Дека Асани се уште не е повикан на распит, потврдуваат и од Обвинителството. Но не откриваат зошто, кога и дали функционерот на ДУИ ќе даде исказ.
Асани пак, кој до сега беше на распит во полициска станица, но не и пред надлежен обвинител, и кој и во првата изјава, веднаш по инцидентот тврдеше дека тој не бил сериозен и исклучиво вербален, денеска го повторува ставот на дел од неговите сопартијци дека никогаш не би удрил жена.
„Сакам да се извинам за некој евентуално непристоен збор упатен кон полицајката и на искрената јавност. Исто така ви укажувам дека понежниот пол отсекогаш сум го почитувал, ценел и сакал, а така ќе биде и во иднина“, додава Асани.
Неделава на распит во јавното обвинителство, беше и полицајката Јасмина Јаначковска, но не сакаше да дада изјава пред камерите, а како што објави ТВ 24 беше повикан и нејзиниот колега, Во Јавното обвинителство се појави и директорот на Бирото за јавна безбедност Лазе Велковски, иако нема информации зошто бил повикан.