Асмир Јахоски, сопственикот на компанијата „Пуцко Петрол“, кој е осомничен за злоупотреби со набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, минатата недела патувал надвор од земјата, иако против него се води кривична постапка.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека Јахоски ја напуштил државата на 30 мај преку граничниот премин Богородица, а се вратил денеска, на 2 јуни, преку истиот премин. За патувањето користел патна исправа со ограничен рок на важење, која му била издадена врз основа на решение на Апелациониот суд донесено на 29 мај. Иако првично Кривичниот суд го одбил барањето на Јахоски за издавање патна исправа, Апелациониот суд ја уважил неговата жалба.
Откако судот го укина претходно определениот притвор, Јахоски доби мерки на претпазливост – обврска да се пријавува во судот и забрана за издавање редовна патна исправа. Сепак, со одлуката на Апелација, му беше дозволено издавање специјална патна исправа со ограничено времетраење.
Денеска, по враќањето од странство, Јахоски се пријавил во Кривичниот суд во Скопје, со што ја исполнил обврската за редовно пријавување.
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска објави дека Јахоски, и покрај обвиненијата за криминал тежок 167 милиони евра, бил забележан како ужива на Босфор. Тие обвинија дека институциите дозволуваат обвинети за сериозни економски криминали слободно да патуваат, додека граѓаните се борат со сиромаштија.
Јахоски е осомничен во поширока истрага за набавка на мазут од сомнително потекло и квалитет за време на енергетската криза, во која се вклучени и сопствениците на компанијата РКМ – Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој моментално е во бегство.
Во мај, Апелациониот суд Скопје донесе одлука со која му укина притвор на Јахоски, откако тој понуди гаранција од речиси 1 милион евра, составена од недвижен имот и готовина. Судот ја прифати гаранцијата и му определи поблаги мерки, како одземање на пасош и редовно пријавување во судот. Случајот продолжува да ја бранува јавноста, посебно поради фактот што лица осомничени за високи финансиски злоупотреби добиваат можност за патување надвор од земјата, додека државата се соочува со сериозни економски и енергетски предизвици.