АСОМ: Ако ставиме клуч на своите објекти,10.000 вработени остануваат без работа

од Vladimir Zorba
297 прегледи

Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) посочува дека ставовите на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) и Здружението на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам“ во врска со измените на Законот за игри на среќа со кои, меѓу другото, се предвидува дистанца од 500 м на објектите на приредувачите од образовните институции, во целост го потврдуваат она на што АСОМ со години наназад укажува.

И АСОМ, впрочем, во многу наврати досега посочи дека ваквиот предлог е практично невозможно да се спроведе на терен, бидејќи дистанцирање од една образовна институција едноставно го доближува објектот до друга. Така, растојанието од 500 метри значи целосно затворање на сите објекти во кои се приредуваат игрите на среќа и гасење на цела една легална стопанска гранка. Следствено на ова, АСОМ постојано предупредува на последиците од измените на Законот – затворање на игрите на среќа, негативни социјални ефекти и огромни загуби за државата.

„И натаму тврдиме дека целта на ваквиот предлог не е унапредување на индустријата, заштита на играчите или пак зголемување на приходите во буџетот. Ако приредувачите на игрите на среќа стават клуч на своите објекти, речиси 10.000 директно вработени во индустријата остануваат без работа, а државата останува без повеќе од 250 милиони евра кои по сите основи се слеваат во буџетската каса од игрите на среќа. Но, она што е уште поважно, наместо заштита на малолетници, државата свесно ќе отвори пат на нелегално обложување во импровизирани и скриени објекти, каде практично ќе нема никаква контрола врз играчите. “ – велат од АСОМ и додаваат дека законот е целосно контрадикторен, економски неиздржан и правен без соодветни анализи за можните негативни импликации од негово усвојување.

И покрај бројните укажувања на АСОМ и другите приредувачи на игрите на среќа, испратените готови анализи и предлози за унапредување на индустријата и носење квалитетен закон со кој ќе се постигнат низа позитивни промени, слух од Владата и Министерството за финансии немаше.

Напротив, предлог измените на Законот за игри на среќа со спорните 500 метри, Министерството за финасии ги достави до Собранието на РС Македонија.

„Уште еднаш посочуваме дека овој закон за нас е неприфатлив и ние сме подготвени да ги искористиме сите расположиви средства да спречиме тој да се донесе. Државата мора да биде свесна дека ако усвои ваков скандалозен закон, на улица ќе излезат сите 10.000 вработени во индустријата, но и вработени во други стопански гранки кои директно зависат од нашата работа.“ – предупредија од АСОМ.

Слични содржини