На Барање на двете асоцијации, претставници на Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) остварија средба со Претседателот на Република Северна Македонија, г. Стево Пендаровски.
-Претседателот на Републиката го информиравме дека на 16 ноември 2022 со писмени барања адресирани до Владата и Министерството за финансии побаравме нашите правни тимови да бидат вклучени во процесот на изработка на предложените измени со цел нашето практично искуство да биде искористено за изработка на одржливо законско решение. За жал, и покрај писменото ветување на Министерството за финансии од 19 декември 2022 дека после подготовката на првичниот драфт на измените ќе ни се овозможи како засегната страна да се вклучиме со свои мислења и коментари, тоа не се случи.
За време на средбата изразивме загриженост што нема никакво издржано објаснување зошто е одлучено токму на овие законски измени да им се стави Европско знаме, што никогаш претходно не било законодавна пракса, земајќи предвид дека измените предизвикуваат драматични финансиски импликации. Особено што во предложените измени има серија одредби кои се скандалозни и не се во согласност со Уставот. Наведовме дека согласно член 122 став 2 од Деловникот на Собранието, на 07 март 2023 се обративме со Барање за учество на наши претставници на евентуалната седница на Комисија за европски прашања, на која ќе би бил разгледуван Предлог на законот за изменување и дополнување на законот за игри на среќа и забавни игри.
Откако го информиравме Претседателот на Републиката за крајно штетните последици кои неминовно следат доколку овие законски измени бидат усвоени од Собранието, побаравме да разгледа дали според неговите критериуми постојат доволно услови согласно член 75 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија да го искористи правото да не го потпише указот за прогласување на Предлог на законот за изменување и дополнување на законот за игри на среќа и забавни игри и истиот да го врати на Собранието на повторно разгледување поради тоа што се работи за скандалозни и противуставни одредби.
Предупредивме дека доколку овие законски измени не се повлечат и низ една широка општествена, јавна дебата со вклучување на сите засегнати страни не се пристапи кон изработка на одржливо законско решение кое ќе ги следи сите светски стандарди за игри на среќа, ќе бидеме принудени да излеземе на масовни протести. Ќе се бориме до крај против неправдата со сите демократски средства. Доколку надлежните институции не сакаат да ги прифатат нашите аргументи ќе немаме друг избор. Наша должност е да ги заштитиме вработените и огромните инвестиции кои ја придвижуваат македонската економија напред. Станува збор за 10 илјади семејства кои доколку се изгласаат овие законски измени ќе бидат принудени, во најголем број да си ја бараат среќата во западните земји, членки на ЕУ, каде повторно ќе работат во истата економска дејност, стои во соопштението од АСОМ и АПИС.