Астероидот 2008 OS7 „за влакно“ ќе ја одмине Земјата во блиска средба на 2 февруари. Иако се смета за потенцијално опасен, астрономите истакнуваат дека нема причина за загриженост, бидејќи покрај нашата планета ќе помине на безбедно растојание од околу 2,8 милиони километри.
Европската вселенска агенција (ESSA) објави дека според постоечките проценки, астероидот е со дијаметар помеѓу 210 и 480 метри.
Ова небесно тело, кое прави целосен круг околу Сонцето на секои 2,6 години, е дел од таканаречената група на астероиди Аполо. Таа група на небесни тела се среќава со орбитата на нашата планета, но и со планетите Венера и Меркур.
Кои се шансите астероид да удри во Земјата?
Иако 2008 OS7 е означен како „потенцијално опасен“, тоа е ознака дадена на секој вселенски објект што се приближува до Земјата на помалку од 19,5 лунарни единици (оддалеченост на Земјата од Месечината) и има дијаметар поголем од 100 до 150 метри.
ESSA пишува дека многу астрономи веруваат дека е само прашање на моменти кога астероидот навистина ќе удри во Земјата.
Проф. Алан Фицсимонс наведува дека вистинското прашање е дали ќе бидеме „подготвени да преземеме акција“ кога ќе биде потребно.
„Можеме со 95 отсто сигурност да предвидиме дека во следните неколку векови, катастрофа слична на онаа што ги збриша диносаурусите е малку веројатна“, вели астрономот.
Сепак, тоа не ја исклучува можноста за судир со помало небесно тело. Астероид со пречник од само стотина метри може да предизвика голема штета доколку удри во Земјата, а откривањето на такви тела е неверојатно тешко. На пример, неодамна мал астероид беше забележан само неколку часа пред да експлодира над Берлин.
Според Европската вселенска агенција, дури 99 отсто од астероидите блиску до Земјата со дијаметар помал од 30 метри се уште не се откриени. Колку е помала карпата, толку мора да биде поблиску до атмосферата за научниците да ја откријат.
Во некои случаи, тие се заматени од сончевата светлина, што беше случај со метеорот што експлодираше над Челјабинск, Русија во 2013 година. Од тој удар биле скршени многу прозорци, а повеќе од 1.600 луѓе биле повредени.
Вселенските агенции ширум светот работат на нови технологии за откривање на астероиди пред да стапат во контакт со Земјата, а една од најнапредните е дел од сателитот Surveyor на НАСА, кој треба да биде лансиран во 2027 година.