Астон Вила започна со првични испитувања за можноста да го ангажира напаѓачот на Рома, Пауло Дибала. Англискиот клуб има сериозен интерес за Аргентинецот и веќе стапил во контакт со неговиот агент за да ги направи првите чекори за евентуален трансфер на лето, пишува „Кориере дела Сера“.
Дибала има многу силна сезона во Рома и е важен играч за тимот. Оваа сезона има 14 гола и 7 асистенции на 28 натпревари. Сепак, неговиот договор е само до 2025 година, а има и прилично скромна откупна клаузула од 13 милиони евра која лесно може да ја плати Астон Вила.
Всушност, тимот од Бирмингем не е единствениот клуб заинтересиран за аргентинскиот репрезентативец. Него будно го следат и Њукасл и Челси.
Иако му е удобно во Рома, самиот Дибала може да биде во искушение да испроба нов предизвик на крајот од кариерата. Сега има 30 години и ова може да му биде последна шанса да си ја проба среќата во Премиер лигата.
Иако неговата цена не е особено висока, клубот кој сака да го привлече мора да му подготви прилично сериозна плата на Аргентинецот, од редот од 7-8 милиони евра по сезона.