АстраЗенека дополнително го намали снабдувањето со вакцини во ЕУ

од Vladimir Zorba

Фармацевтската компанија АстраЗенека ја намали прогнозата за испорака на вакцини за Европската унија во првиот квартал на околу 30 милиони дози, што е третина од договорните обврски и пад од 25 проценти во споредба со ветувањата дадени минатиот месец, соопштија од Хина.

Овој недостаток ќе биде дополнителен удар врз европскиот план за вакцинација, кој веќе е попречен од одложувањата во испораката на вакцините и бавното воведување на вакцинацијата во некои земји-членки.

Документ споделен со официјални претставници на ЕУ и со датум од 10 март, до кој Ројтерс имал пристап, покажува дека компаниите сега очекуваат испорака на 30,1 милиони дози до крајот на март, и нови 20 милиони во април.

Шефот на АстраЗенека, Паскал Сорио, на 25-ти февруари изјави дека компанијата ќе се обиде да испорача 40 милиони дози до крајот на март. Документот покажува дека британско-шведската компанија веќе на 24 февруари ја проценила испораката на вакцини во ЕУ на само 34 милиони дози за периодот од јануари до март, далеку под договорената цел од 90 милиони дози.

Портпаролот на АстраЗенека одби да коментира за Ројтерс во петокот. Едно лице запознаено со ситуацијата рече дека подобрувањето што компанијата го очекуваше во првиот квартал не се оствари заради тешкотиите при движење на вакцините во глобалниот ланец на снабдување.

Слични содржини