Турската репрезентација нема да се повлече од Европското првенство, изјави селекторот Ергин Атаман ден по инцидентот на дуелот со домаќинот на групата А, селекцијата на Грузија.
Грузијците по продолжението ја победија Турција со 88:83, но натпреварот го одбележа судирот меѓу Фуркан Коркмаз и Дуда Санадзе, а гостите тврдеа дека нивниот играч бил нападнат на патот кон соблекувалната.
Челниците на турската федерација најавија можност да се повлечат од шампионатот доколку не добијат снимка од безбедносните камери на кои се гледа како тројца грузиски играчи го напаѓаат Коркмаз и член на стручниот штаб, но Атаман ја спушти топката…
„Не размислуваме за напуштање на турнирот, но не можеме да продолжиме вака. Како ќе играме вака? Сите се жалат. Зборував со селекторот на Црна Гора, со Серџо Скариолo… Што е со оваа организација?“, праша Атаман, кој веќе се жалеше на долгите трансфери од хотелот до салата, несоодветната храна за играчите…
„Сè е скандалозно на овој турнир“, додаде тој.
Потоа се осврна на неделниот инцидент кој ги шокираше сите.
„Мислите дека вакви работи се случуваат во НБА. ФИБА мора да ги заштити играчите. Полицијата ги нападна нашите играчи и нашиот потпретседател во соблекувалната. Скандалозно е“.
Претседателот на здружението Хидајет Туркоглу, амбасадата и конзулот ја следат ситуацијата во Тбилиси.
„Сите се вклучени во заштитата на нашите играчи и стручниот штаб“, потенцираше Атаман, чија репрезентација во вторник игра против Црна Гора.
Турција има досега скор од 2-1, а Грузија 1-2.