Атанасоски: Новиот лидер на СДСМ ќе треба да го обедини поделеното членство и да ги унапреди најзаслужните поединци

од Берта Китинска

Квантитатвно оскудна вака ја оценува досегашната понуда за кандидати за нов лидер на СДСМ, политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски, додавајќи  дека заега  официјално има само двајца пријавени и дека можно е оваа бројка до петок да се зголеми  за уште минимум еден или двајца.

-Во однос на квалитативните предиспозиции, кандидатот Димитар Ковачевски има богато CV, со образовна наобразба, ако се земе предвид, какви се политичари биле на највисоките функционери кај нас. И покрај тоа што е релативно непознат за пошироката јавност, доколку  во партијата оставил свој личен белег, и има позитивен багаж, може да биде фактор-обединител на декласираната од локалниот изборен резултат, владејачка партија. Се разбира времето ќе покаже.Што се однесува до втората кандидатка Фросина Ременски, и таа доаѓа од универзитетските средини, но нејзин голем негативен багаж ќе има „улогата“ со Меѓународен сојуз „Скопје“, скандалот од невидени размери, во кој правосудно одговара Бојан Јовановски попозната како „Боки 13“, а таа е дел од тоа обвинение. Не навлегувам во личните квалитети и предиспозиции, дали е оригинерна социјалдемократка, или кооптирана поранешна членка на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа најдобро си го знаат членовите на владејачката партија, и согласно демократскиот принцип на гласање на целото членство, не се сомневам дека ќе си го изберат лидерот за кој сметаат дека во овој момент е најдобро решение по партиската и премиерската демисија на Зоран Заев, смета Атанасоски.

 За тоа дали  новото раководство ќе направи  пресврт по неодамнешниот „дебакл“, на локалните избори, политичкиот аналитичар вели дека ако се создаде нова енергија во СДСМ и сменат непопуларните министри, тогаш има шанси за значително подобрување во партијата.

 -Доколку се „збијат“ редовите, се сменат непопуларните министри, се создаде нова енергија, нов импулс во политиката, со нови мерки, политики и проекти кои ќе наидат на одобрување кај граѓаните, и доколку изборите се случат во редовниот термин 2024 та година, можно е да има значително подобрување на дебалкот на локалните избори, и да се извади многу, многу поповолен резултат од овој сега, на наредните општи,парламентарни избори. Доколку се продолжи со несмасно, хаотично, дисфункционално управување, со корупциски скандали, немање реформи и политики кои ќе имаат реална полза и бенефит за граѓаните, тогаш многу тешко може да дојде до пресврт од оваа новонастаната политичка ситуација и промена на политичката клима. Сепак не сме „баба Ванѓа“ од Петрич, па да погодиме со целосна точност, како ќе се одвиваат политичките разврски во иднина. Зависи од многу фактори, комбинирани заедно. Тие ќе ја дадат целосната слика на крајот, објаснува тој.

 Според него новиот лидер, освен што ќе треба да покаже резултати во внатрешната и надворешната политика на земјата, ќе треба и да го обедини поделеното членство, да го измотивира, да постави систем на напредување на партиски најзаслужните, најкапацитетните и најдобрите поединци во Социјалдемократски сојуз.

-Моменталната поделеност сега, во ситуација на власт е и во голем дел поради „увезените“ сдсмовци, кои од невладиниот или бизнис секторот заземаа високи партиски и државни позиции. Не дека такви луѓе не им се потребни на партиите и на државата, сепак во СДСМ тоа се направи на многу брз начин, за сметка на децениските социјалдемократски кадри, кои во таа партија биле од идеолошки причини, а на крајот добиле разочарување како од кадровската политика на партијата, така и од нивното внатрепартиско позиционирање. Резови, секако ќе се потребни по хиреархија од најгоре, па се до самите општински организации и нивните месни микро партиски структури, вели Атанасоски.

 Комбинацијата од незадоволството на граѓаните од локалната власт, во одредени локални самоуправи, но и од централната генерално, според аналитичарот се струполиле како негативен изборен резултат врз партискиот рбет како политички субјект.

-Од тие причини, СДСМ во број на освоени гласови  на советничките листи го допре скоро историскиот минимум, но исто така интересно е што ВМРО-ДПМНЕ со освоени гласови под историскиот минимум за оваа партија, однесе убедлива победа со над 40 градоначалнички места. Граѓаните очигледно ги делегитимираа двете главни политички елити, во бројот на гласовите. Исто така, излегувањето на партиите ЛДП-ДОМ, но и самостојниот настап на БЕСА, партии кои беа дел од предизборната коалиција за минатите парламентарни избори, се и тоа како пораз-фактор за владејачката партија. Секако пред СДСМ и новиот лидер заедно со новото раководство претстои тежок, долг и би рекол помалку болен партиски период на консолидација и „застанување на нозе“. Нормално, секоја политичка партија има прочистување после секој тежок изборен пораз, и секоја партија ја очекува процес на партиско заздравување, ребрендирање и стабилизирање на македонската политичка сцена, објаснува тој.

Б.М.

Слични содржини