Атанасоски: Трагедијата во Кочани е резултат на гнил систем и корупција

„За мене, Македонија умре во буквална и преносна смисла на 16.03.2025. Треба да ѝ порачаме надгробна плоча на библиската земја (1991-2025). Оваа таканаречена држава повеќе нема смисла да постои – треба да се укине сама од себе!“, изјави Атанасоски за „Локално“ по трагедијата во дискотеката „Пулс“.

од Даниел Ѓорѓиевски
700 прегледи

Трагедијата во Кочани повторно ја отвори темата за системската корупција и нефункционалноста на институциите. Во изјава за „Локално“, политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски истакна дека вината не е само кај поединци, туку во целиот корумпиран систем кој, како што вели, „ние самите го создадовме“. Според него, оваа катастрофа е уште еден показател дека институциите не функционираат и дека одговорност мора да сноси секој што учествувал во одржувањето на овој гнил систем.

„Одговорноста е кај сите, од првиот до последниот, во корумпираниот и распаднат систем што ние го создадовме. Од сите вмешани во институциите, по хиерархија и вертикала, но и кај сите нас, поединците, кои пред наши очи дозволивме да се создаде еден ваков монструозен ѓавол кој, на крај, ни одзеде огромен број млади човечки животи. Ѓаволот секогаш доаѓа по своето, а во оваа црна земја – многу пати досега. Овој пат – најгрозоморно“, изјави Атанасоски.

На прашањето дали премиерот Христијан Мицкоски и владата, по девет месеци на власт, повторно ќе заземат позиција на опозиција, Атанасоски смета дека таквиот потег е очекуван. Според него, тоа е дел од „примитивната политичка некултура“ во Македонија, каде што секогаш виновен е некој друг, но не и оние кои се на власт.

„Да, бидејќи тоа е дел од примитивната политичка некултура кај нас. Виновен е секогаш другиот, но никако ти или оние околу тебе, твоите сопартијци. Како што кажав, виновни сме сите. Некој морално, некој кривично, некој политички. Само зрело општество може да ја лоцира вината во себе. Ние сме полураспадната заедница која функционира како оставштина од некаква државотворност пред 80 години. За мене, Македонија умре во буквална и преносна смисла на 16.03.2025. Треба да ѝ порачаме надгробна плоча на библиската земја 1991-2025. Оваа таканаречена држава повеќе нема смисла да постои – треба да се укине сама од себе!“, изјави Атанасоски.

Атанасоски смета дека не треба да се очекува македонските граѓани да излезат на масовни протест и, како што се случува во Србија по смртта на 15 граѓани по пад на внатрешница во железничка станица. Според него, разликата меѓу македонското и српското општество е длабока, а причините за тоа се историски и културни. Тој додава дека македонското општество е водено од лични интереси и отсуство на колективна одговорност.

„Ниту нешто ќе се промени, ниту македонските граѓани го имаат капацитетот на српските. Тие, како народ, создадоа држава пред 200 години, а нам некој ни ја подарил. Се гледа дека не сме државотворна нација. Кај нас секој си го гледа личниот интерес, под претекст дека ‘ќути, има и полошо’. Најлошото веќе дојде кај нас. Што е најтрагично, ова брзо ќе се заборави со неподносливата леснотија на корумпираното, убиствено живеење“, вели Атанасоски.

Според него, вината е во менталитетот на граѓаните и во клиентилистичката свест на Македонецот кон сопствената држава и општество. Токму оваа пасивност, според Атанасоски, е причината зошто не треба да се очекуваат масовни протести, дури и по најголемите општествени потреси.

„Вината ја гледам исклучиво во поданичкиот, уплашен, ситен, личен, клиентилистички однос на просечниот Македонец кон својата држава и општество“, завршува Атанасоски.

Д.Ѓ.

Слични содржини