Гледаме тензии на релација градоначалничка на Град Скопје наспроти ВЛЕН и општина Чаир. Изет Меџити и Висар Ганиу обвинуваат дека дека Арсовска се користи како инструмент од ДУИ. Дали ова е политичка игра на ДУИ, со цел „ослабување“ на општина Чаир и повторно враќање под нивна власт… За дел од јавноста шпекулациите одат во таа насока, но ситуацијата е едноставна: првиот човек на институцијата Град Скопје обвинува за системски криминал во Општина Чаир и бара институциите на системот да постапат.
-Не гледам зошто мора да се вметнува политика во се, или пак мора да се политизира случајот, бидејки доколку не е така-институционално некој (читај: градоначалникот на Општина Чаир), ќе треба мора да одговара, вели во изјава за „Локално“, политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски за ситуацијата на политичката сцена.

Благојче Атанасоски
По обвинувањата дека се прави обид за дестабилизација, како што рече премиерот Христијан Мицкоски кој се согласува со неговите коалициските партнери од ВЛЕН, соговорникот вели дека „не ме е јасно зошто премиерот дава изјава во политичка конотација, кога би било најнормално и најреално да ги повика институциите на системот да постапат“.
-Дури во нормална држава, не треба да ги повика, туку тие треба сами за реагираат по вакви тешки обвинувања од градоначалникот на главниот град кон градоначалникот во една скопска Општина. Но ако бевме нормална држава (а не сме), институциите на системот, досега ќе функционирале и ќе ги спречеле овие индиции за епски урбанистички криминал на државно земјиште, констатира Атанасоски.
Се остава впечаток дека граѓаните се задоволни од ваквиот потег на градоначалничката и даваат подддршка, иако дел од нив коментираат дека „никаде ја немаше цел мандат“. Аналитичарот се согласува дека граѓаните ја поздравуваат оваа работа на скопската градоначалничка, но не верува дека Арсовска би се кандидирала од редовите на ДУИ или со нивна поддршка, бидејќи така би ја потврдила тезата на своите политички противници дека „работи по нарачка на ДУИ“.
-Истата кажа дека нема да се кандидира, но ако се кандидира, ќе биде веројатно од нејзината партија Нова Алтернатива, веројатно со потајна поддршка од ДУИ,за да се направи колку толку штета на ВМРО-ДПМНЕ. Но и ДУИ ризикува да не оди со кандидат за Скопје, бидејќи не би мобилизирал толку граѓани за советите во скопските општини каде што е конкурентен, во прв ред Сарај и Чаир, но и Шуто Оризари и Гази Баба, посочува Атанасоски.
Евидентно е дека ДУИ и ВЛЕН ќе бијат голема битка за Чаир. Запрашан каков епилог очекува на локалните избори, аналитичарот оценува дека голема е веројатноста да одлучат гласовите на етничките Македонци во вториот круг, а тука ВЛЕН е во предност, очекувајќи ги гласовите од своите партнери ВМРО-ДПМНЕ.
-Но, од друга страна, ќе видиме какво ќе биде и (не)задоволството од граѓаните кон работата на Ганиу и дали ќе му доверат трет мандат овој пат од ВЛЕН. Факт е дека првите два ги доби со поддршка од ДУИ, овој пат ќе биде директен противник на ДУИ, заклучува Атанасоски.
Градоначалничката ги достави сите документи со кои тврди дека на диво се гради во општината Чаир. Се чуди, како до сега ОЈО постапувало по „допрен глас“ а сега бараат градоначалничката да пријави. На Висар Ганиу и на Изет Меџити им порача дека не им се плаши. Очекува конечно да се постапи со цел обезбедување на доказите кои посочените, како што вели, се обидуваат да ги уништат.
Претходно, од Обвинителството ја повикаа Арсовска ако има докази за сторено кривично дело да ги достави до истражните органи.
„Доколку градоначалничката како службено лице има сознанија за кривично дело, таа има обврска тоа да го пријави, да соработува со јавното обвинителство и да посочи кај кои конкретни парцели или згради се откриени сомненија за незаконитости. Тоа е неопходно за да може да постапува обвинителството и да спречи евентуално компромитирање на доказниот материјал“, велат од оттаму.
Арсовска вели дека нема намера да се стави себеси и своето семејство во опасност бидејќи, според неа, никој не постапува. Најави в понеделник дека ќе ја донесе целата документација со 150 предмети.
Н.П.