Сметам дека бугарската држава, водејќи се од нивната позиција и национален интерес ќе оди во насока на разоткривање на сите македонски функционери кои го користат „бугарското прашање“ за дневно политички поени и билдање на рејтингот, вели во разговор за „Локално“, политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски откако во јавноста е актуелна темата со наводни бугарски пасоши меѓу македонски функционери и нивни роднини. Запрашан дали навистина постои вмешаност на бугарските служби во внатрешните работи на Македонија, Атанасоски истакнува дека случајот со министерката Сања Божиновска ќе биде показна вежба за во иднина дека ќе излезат „на јаве“ многумина функционира, бизнисмени, најблиски роднини на државни функционери кои имаат бугарски пасоши и фирми во Бугарија, а катадневно „плукаат“ по се што е бугарско.
-Не станува збор за никакви „тајни служби во соработка со опозицијата“ туку едноставно е, Бугарија ги има сите податоци како држава, кои граѓани на Македонија имаат воедно и бугарски пасоши или фирми во Бугарија, посочува Атанасоски.
Соговорникот се согласува дека апсолутно има огромен број на актуелни и поранешни функционери со пасоши и фирми во Бугарија, додека на дневна основа водат политика на предизвикување конфликти и омраза кон Бугарија.
-Тоа апсолутно ќе ни „се удри од глава“, најмногу на нам како држава, по нашиот евроинтегративен пат, а тие ќе бидат извадени на показ на целата македонска јавност. Односно, не постои подолно и полицемерно суштество од македонски функционер, кој ги користи благодетите на ЕУ(бугарскиот пасош), а истовремено создава атмосфера на омраза и конфликт кон оваа држава, дециден е аналитичарот.
Во последните денови, членот на ИО на СДСМ, Андреј Жерновски реагираше на последните обвинувања кон него од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Тој на социјалните мрежи повторно го отвори прашањето за наводни бугарски пасоши и државјанства за актуелните функционери и дел од членовите на нивните семејства.
„Ако првиот човек на владата аплицирал за бугарски пасош, ако вториот човек на владата е Бугар, ако министерката е Бугарка, тогаш јасно ли е што ни се случува?!? Ако ништо друго, зарем ќе им дозволиме на овие и вакви ликови да ни продаваат прикаски како СДСМ, наводно, била бугарска инсталација, а они, преполни со бугарски пасоши, ќе ги штителе нашите државни и национални интереси од нападите кои доаѓаат токму од Бугарија. Вака, се’ додека не демантираат јасно и гласно, испаѓа дека од Бугарите не’ бранат- Бугари“, стои меѓу другото во јавната објава на Жерновски.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Кочани, Миле Лефков, ги демантира пишувањата на медиуми во Бугарија дека, наводно, повеќе членови од неговото семејство поседуваат бугарски пасоши.
– Во изминатите денови, откако алармирав за сериозна хибридна закана која доаѓа од Бугарија, сведоци сме токму на она за што предупредував – координирани напади, клевети и обиди за лична дискредитација преку лажни вести, изјави Лефков.
Според него, дел од бугарските медиуми, поддржани од домашни политички сојузници, тргнале со невидена кампања, не против неговите ставови, туку против неговото семејство.
-Тврдењата дека сум „единствен Македонец“ во фамилијата, дека брат ми и сите мои братучеди се Бугари, се апсурдни и злонамерни, со цел да ме замолчат и да ја изместат суштината на моите јавни настапи, рече Лефков.
„Локално“ веќе пишуваше на темата околу евентуална вмешаност на бугарските тајни служби во македонските внатрешни работи. Според лидерот на Демократски сојуз и екс-министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, официјална Софија преку дипломатите и службите има влијание и e вклученa во сите процеси во Македонија, со поддршка на одредени лица од опозицијата. Тврди дека поединците од македонското општество кои што делуваат, сигурно ја спроведуваат политиката на лидерите на партиите од опозицијата и тие што се влијателни. Сепак се работи за, како што вели, политичка поддршка што не е видлива и тешко дека се докажува.