ИНТЕРВЈУ со Атанасов: Доста е со „револуции“ после кои профитираат само одредени групи или поединци

од Берта Китинска
657 прегледи

Она што во овој момент може да го кажам е дека јас сакам да соработувам и да градам нешто ново само со задоволни соработници, со луѓе кои имаат идеи, политичка енергија и политичка волја во Македонија работите да се променат. Доста е со „револуции“ после кои профитираат само одредени групи или поединци. Денес, фактички со државата владеат мали групи концентрирани во врвот на три политички партии, вели поранешниот заменик-министер за образование и долгогодишен член на СДСМ, Петар Атанасов во интервју за „Локално“.

Атанасов за формирањето на новото политичко движење вели дека тоа ќе биде насочено кон процеси на општествена интеграција , подобрувања на политичкиот модел на функционирање и поддршка на континуиран развој во неколку стратешки области .

Што е она кое вашата политичка партија ќе им го понуди на граѓаните? За кои вредности ќе се залагате? 

-Политичкото движење што сакам да го формирам ќе работи на три големи теми: 1. Процеси на општествена интеграција, наспроти етничката и регионална сегрегација, 2. Подобрувања на политичкиот модел на функционирање, наспроти неефикасноста и неодговорноста, како и 3. Поддршка на континуиран развој во неколку стратешки области за државата. Можам да ви раскажувам и за вредностите, но тие сепак треба да се краен производ на програмите што пред малку ги споменав. Оттука би започнало креирањето на една нова политичка платформа. Дали и кога ова ќе прерасне во политичка партија и на кој начин ќе делува, тоа зависи од многу фактори.

Кои се забелешките упатени до вас од луѓето кои се длабоко разочарани од најголемите партии? 

-Ќе ви дадам еден сублимат на многу од коментарите што секојдневно ги слушам или ги читам од луѓето за тоа какви се денес состојбите во државата.

Еве за почеток, нели е девастирачко тоа што во ова општество никој во никого нема доверба. Нели е катастрофално тоа што мнозинството граѓани нема доверба во институциите на државата. Дали има барем една институција во државата што е функционална и во која нема вмешано прсти некаков полуписмен партиски апаратчик, кој седи на некакво директорско место а работи само на тоа како да исцеди пари од буџетот.

Понатаму, не постојат јавно усогласени политики за какви било промени или реформи кои би донеле подобро утре за мнозинството граѓани. Таква е состојбата во многу сектори. Еве, да го земем образованието како пример. Се нудат некакви импровизации или таканаречени реформи, а притоа бескрајно се поларизира јавноста за секое важно прашање. Па од ова се прави политички проблем, кој потоа го решаваат истите тие политички партии што го создале проблемот. Тоа бескрајно неодговорно владеење на две партии и одржувањето на власт на поединци по секоја цена ги навредува граѓаните кои се немоќни пред политичарите кои им ја крадат иднината.

Општеството е во фаза на внатрешен трулеж. Тоа се чувствува на секој чекор. Се наметнува едно големо прашање! Ако државата од многумина се краде на кој било начин, ако не се почитуваат законите, ако се изигруваат правилата, ако државата не се брани или не се сака нешто особено, а притоа масовно се напушта од членови на сите заедници, дали таквата држава има иднина? Тоа е основата за постоењето на општествен договор меѓу државата и граѓаните. Ние како народ го губиме полека центарот на гравитација. Кои сме ние? Како сме се формирале? Зошто ни треба државата?

Дали новата партија ќе биде едно обединување на незадоволните членови од политиките на другите партии? 

-Ова прашање често ми го поставуваат. Притоа се спомнуваат и имиња. Она што во овој момент може да го кажам е дека јас сакам да соработувам и да градам нешто ново само со задоволни соработници, со луѓе кои имаат идеи, политичка енергија и политичка волја во Македонија работите да се променат. Доста е со „револуции“ после кои профитираат само одредени групи или поединци. Денес, фактички со државата владеат мали групи концентрирани во врвот на три политички партии.

Моето образование ми помогна да ги проучам и причините и последиците на постоење на државите во Европа, ако сакате на европските нации. На пример, Макс Вебер пишувал дека нацијата е заедница на чувства. Пол Гилберт пишувал дека заедницата на чувства обезбедува кохезија. Ако ова е основата за градење на една современа нација, тогаш ние сме на погрешен пат. Не знаеме каде одиме. Нашите чувства денес како Македонци се соочени со порази. Нација не се гради само со порази. На државите им се потребни победи, мали или големи, културни или спортски, победи кои нацијата (граѓанството) ги слави и со кои се бодри и себе си и државата. Тоа е тој секојдневен референдум, за кој говорел францускиот историчар Ернест Ренан пред повеќе од 100 години, референдум со кој се потврдува минатото и сегашноста на нацијата.

Ако треба да се направи некаков рестарт, длабоко сум убеден дека двете најголеми политички партии се далеку од некаква нова визија. Тие се далеку од каква било визија. Тие се бават само со самите себе, со кадровска комбинаторика. Еве на пример, новиот лидер и мандатар изјавува дека ќе ги отвореле вратите за луѓе со „знаење, чесност и посветеност“. Па они изборите ги загубија токму поради тоа што со години работеа спротивно на ова! Спроведуваа исклучиво негативна селекција водени само од интензитетот на послушноста и лојалноста на партиското членство.

Затоа јавно пропагирам дека државата има потреба од нова политичка сила. Кој ќе успее да ја формира, не знам. Јас навивам за политичка сила која ќе има визија, која нема да е еднодимензионална, туку ќе биде слика на општеството. Мора да се намалат поделбите во општеството, затоа што поделбите сегрегираат и овозможуваат полесно да се владее со народот. Потребна е прераспределба на централната политичка моќ.

Како би ги решиле најгорливите прашања кои натежнуваат во земјата (енергетската, здравствената криза, проблемот со Бугарија…)? 

-За конкретни понуди во секторите е се уште рано да зборуваме. Тоа би било веќе дел од една изборна политичка понуда. Гледаме дека големи или мали кризи има речиси во секој сектор. Не само што не може да зборуваме за развој, туку пред нашите очи се случуваат регресивни процеси. Се случуваат апсурди! Колку што повеќе се инвестира во некои сектори, толку послаби резултати се добиваат.

За проблемот со Бугарија нема многу време. Треба да се ангажираат сили и луѓе за да го „создадат“ решението. Има простор за соработка во културата, образованието, науката, бизнисот, инфраструктурата. Доколку се сака решение од двете страни. Историските теми треба да се тргнат од политичката јавност бидејќи прават голема штета во односите меѓу двете држави и со нив треба да се бават историчари, но во подолг временски период. Ситуацијата мора да се стабилизира и тоа е сега одговорност на двете влади. Не смее инструирани „преговарачи“ да се остават да ни ја „кројат“ историјата. Да не заборавиме дека во Втората светска војна ние сепак бевме на страната на победниците.

Дали новата партија која е во најава за формирање ќе биде подготвена за евентуални предвремени избори во 2022 година, како што бара опозицијата? 

-Од една страна, за секое политичко движење или политичка програма целта е реална промена во стварноста. Начините, пак, на кои тоа може да се направи може да бидат различни. Од друга страна, работите на Балканот и кај нас толку брзо се случуваат, главно на полошо, што не ни остава многу време. Сепак, постојат примери во регионот што докажуваат дека за краток временски рок добра политичка понуда може да генерира позитивна енергија и промена. Тоа би бил одговорот на прашањето.

Се разбира, промените се најбрзи ако се прават директно во системот, заради некои реални потреби а не само заради политички притисоци. Секоја Влада може тоа да го прави секојдневно. Но, нашите политички сили не сакаат промени, тие за нив се ризични. Поради нив може да ја загубат власта. Затоа нема „политичка волја“ за реформи. Еве, нека се почне со воведување на една изборна единица на следните парламентарни избори. Гледајте какви отпори се прават само за ова прашање.

Ваше мислење за новите промените во СДСМ? Дали можеби се само „шминка“? 

-Од социјалдемократските вредности во програмата на СДСМ остана многу малку. Би рекол дека СДСМ повеќе кокетира со крупниот капитал отколку со работниците. Левичарските повикувања се само заради одржување на континуитет со веќе истрошената идеологија.

Искрено, од „новиот“ СДСМ не очекувам ништо посебно. Свесно или несвесно тие работат само на амортизирање на следниот изборен пораз. Не ми е јасно ниту мене ниту на многу луѓе, како успеаја за 4 години да ја упропастат приказната и политичката програма што се создаваше во текот на годините на отпорот против еден агресивен авторитарен режим. Не верувам дека може за кратко време да изградат друга успешна политичка приказна. Тие еден месец не можат да ги усогласат или именуваат само кадрите во партијата. Не велам дека во новите играчи на СДСМ нема луѓе кои индивидуално носат и знаење и енергија. Но, тоа во оваа ситуација не е доволно.

Слични содржини