Oвој јуни нема да биде најстресниот месец во годината за учениците, наставниците и родителите, бидејќи новата влада уште на првата владина седница ќе го укине нелогичното екстерно тестирање, кое што освен притисоци врз учениците и казни за наставниците, не донесе ништо добро, велат од СДСМ.
Оттаму најавуваат крупни реформи во образованието, кои треба да обезбедат успешен модерен и европски образовен модел.
– Во основното образование, во првите 5 години ќе има само описно оценување. Оценки ќе има во следните 4 години. Бројот на ученици во паралелка ќе го намалиме на 25 ученици во просек. Во средното образование, покрај класичното четиригодишно гимназиско и стручно образование, ќе воведеме и можност за завршување по втора и трета година кај стручното образование. Така, оние кои сакаат побрзо да се вклучат во пазарот на трудот, нема непотребно да ги задржуваме во образовниот систем – изјави денеска на прес-конференција пратеникот во Собранието и претседател на комисијата за образование на СДСМ, Петар Атанасов.
Тој рече дека новата влада ќе ги врати и ќе ги почитува автономијата и достоинството на универзитетите.
– Ќе ги преиспитаме дисперзираните студии. Ќе помогнеме да се приспособат студиските програми со потребите на општетството. Државата ќе им помогне на студентите во поматамошното дошколување, но и наоѓање работа. Никогаш повеќе нема да дозволиме да се вршат експерименти врз учениците и да се носат ад хок решенија кои одат на штета на учениците, студентите, наставниците и професорите, како што беше пракса досега – нагласи Атанасов./Мета