Турскиот премиер Ахмет Давутоглу на прес конференција изјави дека истрагата за саботниот двоен самоубиствен атентат во Анкара се движи по две траги, а наодите се поврзани со две различни организации, информира весникот „Сабах“.

316620-koj-kukavichki-gi-ubi-gragjanite-shto-sakaa-mir

– Се обидуваме да утврдиме дали има взаемно дејствување меѓу организациите, посочи премиерот.

Тој изрази увереност дека извршителот на злосторството нема да остане непознат.

Давутоглу подвлече дека нападот е насочен против Турција, против народот во целина, против демократијата.

Според  турскиот премиер, внатрешнополитичката цел на овој напад е попречувањето на еднопартиското владеење на Партијата на правдата и развојот (АКП). Врската со оваа теза, подвлече Давутоглу, е моментот дека атентатот е извршен на 19 дена пред изборите. Тој истакна дека е важен резултатот од овие избори и посочи дека некој сака да му попречи на еднопартиското владеење и на инсистирањата за долготрајна стабилност на земјата.

492430732

Премиерот посебно потенцира дека нападот треба да се разгледува и од надворешнополитички план. Тој истакна дека заради недостигот од решение за сириската криза во оваа соседна земја се кријат големи ризици. Според него тоа што нападот е извршен по интервенцијата на Русија во Сирија, е состојба што треба да се разгледа.

Давутоглу додаде дека заради ризикот од Сирија турските власти преземаат дополнителни безбедносни мерки.

Исторемено Давутоглу упати предупредување до САД за вооружената помош за сириската курдска партија „Демократска унија“, забележаа весниците „Милиет“ и „Сабах“.Тој подвлече дека доколку се даде каква и да било помош во оружје и муниција за Курдската работничка партија (ПКК) и за партијата „Демократска унија“, Анкара во Сирија ќе ги преземе истите мерки што ги преземаше во северен Ирак. Тој истакна дека пред пет-шест месеци можеби и имало смисла да се прави разлика меѓу партијата „Демократска унија“ и ПКК, но после нападите на ПКК во Турција оваа разлика ја загуби смислата.

Турскиот премиер посочи дека на Министерството за надворешни работи му дал инструкции и ќе се преземат чекори на САД да им се соопшти категоричната турска позиција за ова прашање.

-Никој не може да ни даде убедлив аргумент дека (вооружената) помош за партијата „Демократска унија“ нема да отиде кај ПКК, подвлече Давутоглу.

Той предупреди дека доколку се утврди дека помошта, давана на партијата „Демократска унија“, се користи во Ирак и дека влегува во Турција, Анкара кон партијата „Демократска унија“ ќе ги примени истите дејствија како кон ПКК.

Премиерот подвлече дека никој не треба да очекува разбирање од Турција за ова прашање и дека таа тоа им го соопштила и на САД и на Русија./МИА

Слични содржини