Атина ја обвини Анкара за ширење лажни вести

од Stefanija Kuzmanovska
172 прегледи

Откако грчката полиција со солзавец се обиде да ги растера мигрантите кои ја нападнаа со камења на границата во северниот регион Еврос, официјална Атина ја обвини Анкара дека со ширење неточни информации го поттикнува движењето на тие луѓе кон Грција, првата членка на Европската унија на нивниот пат, пишува „Алџезира Балканс“.

„Продолжува кампањата за ширење дезинформации на турските власти. Ова е реалноста: најмалку 10.000 луѓе беа спречени при обидот да влезат на грчката територија“, објави на Твитер грчкото Министерство за надворешни работи, пренесе агенцијата „дпа“.

Повик на Обединетите народи

Поради приливот на илјадници мигранти кон Грција, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис свика итен состанок на Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана, извести агенцијата АФП.

Агенцијата на Обединетите народи повика на „мир и намалување на напнатоста на границата“.

„Државите имаат законско право да ги контролираат своите граници и да водат сметка за необичниот прилив на луѓе, но тие мора да се воздржат од употреба на прекумерна сила и да воспостават систем што ќе овозможи поднесување барање за азил на легитимен начин“, напиша во е-маил Бабар Балох, портпарол на агенцијата на Обединетите народи.

Десетици илјади лица ја преминаа границата

До недела наутро, 76.358 мигранти ја минале границата во провинцијата Едирне, напиша на Твитер турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу.

Оваа бројка не е потврдена ниту од Бугарија ниту од Грција.

Извор од грчката полиција за „Ројтерс“ изјавил дека повеќе од 500 мигранти пристигнале на источните егејски острови.

Според истиот извор, повеќе од 300 мигранти пристигнале во Лезбос со седум бродови, каде биле сместени во прифатни центри за мигранти. Против нив се побунило локалното население.

Меѓународната организација за миграција (ИОМ) објави дека во саботата вечер на грчко-турската граница пристигнале 13.000 лица.

„Грците не ја сакаат оваа навала“

Министерот за миграција Нотис Митарачи изјави дека Грците не ја сакаат „оваа навала во нивната земја“ и дека Грција не е држава во која секој може да дојде без да ги почитува правилата.