АТП се вклучи во случајот со Пенг Шуаи, бараат директен контакт со тенисерката

од Nikola Popovski

Претседателот на Здружението на професионални тенисери (АТП), Андреа Гауденци, најави дека бараат воспоставување директна комуникација меѓу кинеската тенисерка Пенг Шуаи и ВТА организацијата.

„Го повторуваме нашето барање за директна комуникација помеѓу тенисерката и ВТА, за да имаме појасна слика за нејзината ситуација“, рече Гауденци.

Светското здружение на професионални тенисерки (ВТА) во средата ги суспендираше сите турнири во Кина, поради загриженост за безбедноста на кинеската тенисерка.

Гауденци во изјавата додаде дека верува „дека глобалното присуство дава подобри шанси за постигнување на целите“.

„Ситуацијата во врска со Пенг Шуаи продолжува да создава страв во нашиот спорт и пошироко. Одговорот на нашата загриженост досега беше недоволен. Продолжуваме да разговараме со нашите членови и да го следиме развојот на ситуацијата“, заклучи Гауденци.

Пенг исчезна од очите на јавноста во ноември пред околу три недели, откако го обвини поранешниот вицепремиер на Кина за сексуална злоупотреба.

Нејзините објави на социјалните мрежи беа избришани набргу по објавувањето, а тенисерката исчезна од јавноста, пред за прв пат да се појави во Пекинг на 21 ноември на младински турнир.

Претставниците на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) денеска соопштија дека имале втор разговор со Пенг, преку видео повик и дека се уште се загрижени за нејзината безбедност.

Фото: New York Post

Слични содржини