АТП жестоко го нападна Вимблдон поради суспензијата на Русите и Белорусите

од Nikola Popovski
279 прегледи

По одлуката на Вимблдон да им забрани учество на руските и белоруските тенисери поради ситуацијата во Украина, АТП го критикуваше ваквиот потег.

Организаторите на машките турнеи, АТП, одлуката на Вимблдон за забрана на учество на руски и белоруски играчи на овогодинешниот турнир ја оценија како „неправедна“.

Тврдат дека забраната е дискриминаторска и претставува штетен преседан.

На руските и на белоруските играчи им беше дозволено да се натпреваруваат на АТП турнирите од почетокот на војната во Украина, иако не можеа да ги користат нивните национални знамиња.

ИТФ веќе им забрани на тимовите од двете земји да учествуваат на Дејвис купот и Купот Били Џин Кинг.

„Веруваме дека денешната еднострана одлука на Вимблдон да ги исклучи играчите од Русија и Белорусија од овогодинешните турнири на трева не е фер и има потенцијал да постави штетен преседан за играта“, се вели во соопштението на АТП.

„Дискриминацијата по националност е и прекршување на нашиот договор со Вимблдон, кој вели дека влезот на играчи се базира исклучиво на АТП ранг листата. Силно ја осудуваме руската инвазија на Украина и се солидаризираме со милионите невини луѓе погодени од тековната војна. Нашиот спорт е горд што функционира на основните принципи на заслуги и правичност, каде играчите се натпреваруваат како поединци за да го заслужат своето место на турнирите засновано на АТП ранг листата“.

Вториот тенисер во светот Русинот Даниил Медведев е најдобриот играч од двете земји кој го погоди забраната на Вимблдон.

Во моментов, АТП инсистира дека не планира да го промени својот став околу дозволувањето на Русите и Белорусите да учествуваат на нивните турнири.

„Важно е да се нагласи дека на играчите од Русија и Белорусија сепак ќе им биде дозволено да се натпреваруваат на АТП турнирите под неутрално знаме, што е позиција која досега беше поделена во професионалниот тенис. Во исто време, ќе ја продолжиме нашата заедничка хуманитарна поддршка за Украина во рамките на Тениската игра за мир. Секој начин на дејствување како одговор на оваа одлука сега ќе биде оценет во консултација со нашиот одбор и советите на членовите“, укажуваат од АТП.

Слични содржини