Ацевски: Недостигот на енергија му стави крај на западниот потрошувачки менталитет

од Vladimir Zorba
617 прегледи

Социлогот Илија Ацески ги поставува во тесна корелација недостигот на енергенси и суштинските измени во однесувањето на севкупното население.

„Се чини дека во целата западна цивилизација дојде крајот на потрошувачиот принцип бидејќи  почнуваат да надвладуваат поинакви поимања за животот и за реалноста кои се во насока на штедење на енергијата’’, вели Ацески за „Локално“ .

Во оваа насока тој објаснува дека низ досегашниот цивилизациски развој,  правилата во овие високо развиени земји биле воспоставени како резултат на казни и санкции.Според него, така ќе биде и во овој случај.

„Тоа значи дека  доколку државата нешто побарува, без разлика на што се однесува, секој кој  што нема да послуша и не се прилагоди на барањето ќе биде казнет“, вели Ацевски.

Оттука, во свеста на нивното население им се всадува принципот дека мора да штедат без разлика дали се богати или сиромашни. Значи, и оној што има пари нема да смее да троши енергија повеќе од онаа којашто му е потребна, односно станот или куќата во којашто живее нема да биде затоплена на температура од 24 степени, туку според степен кој ќе биде определен од страна на државата.

Многу од овие принципи, според него, не можат да се поистовеат со македонското опшетство, пред се поради големиот процент на сиромаштија. Кај нас, вели Ацевски, веќе со години наназад луѓето се соочуваат со неможност да ги задоволат основните егзистенцијални потреби.

Како да се препознае и објасни социолошкиот контекст на актуелната ситуација во која луѓето стануваат се поисплашени и понесигурни? Дали недостигот на енергија ќе биде причина за нов период  во светската, особено западната цивилизација ?

-Целата ситуација после ковидот, но  особено актуелниот период поврзан со војната во Украина наметнаа претстава дека доаѓаат тешки времиња во кои најголемиот дел од луѓето ќе се соочат со недостиг на храна, енергија, на елементарни потреби. Ова постојано се вградува како страв кај поединците и тоа особено кај оние кои и претходно едвај врзувале крај со крај. Оттука, сакам да ја нагласам потребата државните институции да почнат да штедат. Но тие пред се треба нормално да функционираат, а еден од примерите би биле училиштата кои мораат да добијат предност во трошењето на енергијата со цел во идниот период да не се почувствуваат последици од нивното неработење. Затоа низ системот на образование треба да започне, да се формира „култура“ на штедење. Се чини дека во целата западна цивилизација дојде крајот на потрошувачиот принцип и почнуваат да надвладуваат поинакви поимања за животот и за реалноста кои се во насока на штедење на енергијата. Затоа велиме дека западната цивилизација се соочува со страшен удар кој е во моментов најактуелен.

Велите дека принципот на штедење на енергија ги “надвладеа’’ сите останати, и тоа дури во најразвиените општества кои се препознатливи по својот потрошувачки менталитет. Дали перцепцијата е поинаква во посиромашните држави, и генерално, како луѓето го прифатија овој принцип?

-Позициите се различни и условени од економската ситуација во којашто се наоѓаат. Работите изгледаат различно ако живеете во општество во кое четвртина од населението се соочува со сиромаштија и секојдневно се бори да го преживее денот и да ги задоволи елементарните потреби. Треба да ни биде јасно дека  однесувањето на луѓето од западната цивилизација во најголем дел е резултат на санкции. Тоа значи дека  доколку државата нешто побарува, без разлика на што се однесува, секој кој  што нема да послуша и не се прилагоди на барањето ќе биде казнет. Оттука нивните правила на однесување кои во голем дел не воодушевуваат,  се востановени на овој начин.

Сега, во рамки на најновите околности, на нивните политичари, есперти и научници им е потполно јасно дека понатамошното „раскошно“ трошење на енергијата во која било форма, но и воошто севкупната потрошувачка цивилизација е при крај. Значи и оној што има пари нема да смее  да троши енергија повеќе од онаа којашто му е потребна, односно станот или куќата во којашто живее нема да биде затоплена на температура од 24 степени, туку на степен кој ќе биде определен од страна на државата. Основната норма е дека мора да се заштеди енергија бидејќи веќе ја нема.Штедењето веќе не се врзува во корелација со економската состојба на  поединецот и на семејството туку со реалноста која налага дека веќе не можете да трошите нешто кое го нема во доволни количини.

Колку за потсетување, да немаме илиузии, во досегашната западна цивилизација бевте особено добредојден доколку повеќе трошите, но сега доаѓа крај на таа психологија. Нивните институции ќе превземат буквално се за да ги доведат овие луѓе во рамки на нормалното, регуларно однесување и егзистирање.

Дали и како ваквото драстично штедење ќе го усвојат граѓаните на овие богати држави кои  досега имаа „комотен“ живот? Постојат ли стравувања од масовни протести и радикализација на незадоволство поради новиот принцип кој им се наметнува?

-Мислам дека најголем дел од населението  е свесно  за актуелната ситуација. Протести се можни во ситуација доколку се соочат со проблемот да не купат продукти кои им се неопходни за нормален живот. Доколку поголем број од луѓето се соочат со енормна сиромаштија поради која нема да успеат да ги задоволат основните човекови потреби, тогаш не ја исклучувам можноста од радикални изливи на незадоволство.Секако, ваквите сценарија ги поврзувам со сиромашните земји. Кај богатите држави ситуацијата е обратна. Власта им налага на граѓаните дека и покрај тоа што имаат средства нема да можат да трошат, односно нема да можат да трошат нешто кое во иднина ќе го нема. Во секој случај, актуелната ситуација ќе  доведе стотици милиони луѓе на ниво на раб на егзистенција.

Се чини дека ситуацијата кај нас е обратна. Секојдневно читаме за мерките на штедење кои се применуваат во западните држави, но кај нас, таа свест како сеуште да не е на потребното ниво. Како го објаснувате ова?

-Во психологијата има еден принцип кој отприлика се објаснува на следниот начин. Ако јас постојано имам чувство дека нешто ќе следи, мојата постапка ќе биде обратна со цел да докажам дека тоа не е така. Во оваа насока јас ќе трошам, ќе пијам кафе по ресторани, ќе патувам. Проблемот е што ова трае кусо. Забележувам дека низ градот кафеаните се веќе полупразни со малку нарачки. Македонското општество во голема мерка се разликува од швајцарското или германското. Кај нас, како што веќе напоменав, една четвртина од населението е сиромашно и сега дополнително се застрашува со идни, црни сценарија.Во природата на македонците е да бидат штедливи а тоа го покажуваат бројни анализи.Тоа е нешето што се провлекува низ нашите генерации.Сепак ова не ја исклучува потребата од пораките за рационално и намалено користење на енергенсите бидејќи тие се во насока на наш заеднички инетерес.

К.В.С.

Слични содржини