Октроирањето и само-оддржувањето на режимот во РС Македонија беше и сеуште е втемелено на повеќе политички трикови и пропагандни лаги кои го креираат и контролираат доминантното јавно мислење на скромно образованите гласачи. Една од тие пропагандистички приказни за мали деца е мошне апсурдниот и смешен обид да се воспостави нова колективна заблуда и самозалажување за можноста на објективно постоење на некаква форма на патриотизам рециклиран од времето пред големиот македонски пораз и кои денес првенствено е насочен против ЕУ и камуфлиран како отпор кон внесување на Бугарите кои живеат во РС Македонија во Уставот. И што е уште повеќе апсурдно, носители на таа анахрона квази форма на патриотизам се истите оние кои долги години наназад со своето дејствување и пропаганда директно придонесоа за креирање на политичко-општествениот франкештајн прозаично наречен мициленд. Нема сомнеж дека тоа е свесно пропагандистичко делување против ЕУ, бидејќи овој диктаторски режим и може воопшто да постои само на територија надвор од ЕУ. Без никаква демократска контрола, со практично распослан цел државен буџет на дофат на рачињата во медот, да ја цитирам незаборавната фраза на интелигентната Данела, за која се надевам дека допрва политички ќе се активира.
Само преѕир може да се почувствува кон опскурните и веќе подостарени ликови кои откако ја предадоа Македонија сега глумат патриоти, се вгнездија во мицковистичко дпмне, и врескаат против ЕУ и за некакво идентитетско обезличување ако се внесат Бугарите во Уставот, и куп слични будалаштини. Просто е одвратно да ги гледаш и читаш празните анти-ЕУ бладања на истите тие кои само до пред неколку години, до пред големиот и последен македонски пораз, се колнеа во ЕУ, се шетаа низ државата со некакви каравани демек граѓани за Европска Македонија а на страните на нивните парталчиња објавуваа слики со кои намерно се потсмеваа на оние кои најреално го бранеа својот персонален и национален идентитет во времето кога се менуваше Уставот со преспанскиот-нивици договор односно тогашните бројни суштински Уставни измени. И замислете го тој парадокс, тие се истите, токму тие, со валкана совест и така да се каже, метафорички, со македонска крв на рацете како предавство на жртвите за историските идеали во сите стадиуми на развиток на Македонскиот народ, кои имаат голема вина за последниот и веројатно најголем македонски пораз – промената на името, поништувањето на континуитетот на историјата, двојазичноста, издигнувањето на охридскиот рамковен договор на ниво на АСНОМ, итн.
Кога беше вистинската борба, пред десетина години, тие беа најголеми противници на сите нас кои имавме памет и знаевме дека ако тогашното СДСМ на Заев и шарените победат, името ќе биде сменето, историјата предадена. И така беше. Дење-ноќе се боревме против таа збирштина опскурни ликови по ТВ и весници, со протести пред Собранието, но за жал тие победија – иако, додуше изгубија на изборите (беше 51-49 пратеници). И тие сега ќе се прават патриоти – каква гротеска, каква трагикомедија, па дури и истиот наш тогашен вокабулар го превземале. Кога требаше и можеше Македонија да остане, да биде демократска и нормална држава тие беа, така да кажам, македонските јуди; а денес кога е доцна, предоцна, кога е политичко и економско харакири да глумиш таков патриотизам и ја водиш државата во пропаст и под контрола на којзнае какви меѓународни и регионални оски, со само 9300 долари БДП по жител (наспроти на пример Словенија со дури 34 000 долари, или Хрватска со 24 000 долари БДП по жител), е денес тие глумат патриоти!
Тешко е да се видиш денес како Македонец во огледалото на историјата, но сепак мораме, можеби и е само голем мит нашата верба во народот, во комитлакот како модус вивенди – па, ако беше така зарем ќе можеше Заев или Гордана или Мицковски да ги гласа толку многу народ?! После се, денес, сите приказни за трансисториско постоење на Македонски логоцентричен Ум се повеќе ми се чинат како фарса, отсонуван сон, како заблуда која оние новопечените идеолози на мицковистичко дпмне сакаат како Мери Шели да ја ревитализираат од труп, без никаква објективна основа (големите политички процеси на Балканот се иреверзибилни) но со јасна цел – да го одржат привидот на патриотизам кај режимот и да го зголемат и амплифицираат одиумот кај припростите гласачи кон ЕУ и Бугарија. И ништо друго. Овој обид на метафорично кажано платените пропагандистички загари на мицковистичко дпмне да одржат привид за патриотизам кај таа партија, кога притоа сите знаат за нивниот активен и индиректен колаборационизам при промената на името и бришењето на нашата стара историја, е всушност обид за воспоставување на нова македонска колективна шизофренија, поделеност на Македонското битие на желби и објективна реалност, нов расчекор меѓу она што бевме и сеуште мислиме или сакаме да мислиме дека сме – и она што вистински реално сме.
Она што е умно е стварно, она што е стварно е умно, рече еднаш Хегел, токму како за нас, Македонскиот народ. Од таква Хегеловска перспектива, после финалниот историски пораз, ние треба да си признаеме дека си добивме што си заслуживме, дека вината е во нас, онаа суштинската (иако, се разбира, практично најголемата е кај споменатите тазе патриоти а поранешни горливи пропагатори за промена на името, и некои политичари), и дека лажни биле надежите и вербата дека можевме да бидеме историски цврсти субјективни и колективни идентитети естраполирани во држава, наспроти секојдневниот живот со конформистички менталитет. Од темнината на геополитичката реалност секогаш демнее Северна и фактот дека со договорот од нивици се поништи Македонскиот народ како колективен историски кохерентен изграден идентитет, кој сега се повеќе се сведува на апстрактна, безлична категорија „граѓани“, згора и поданици на диктаторскиот режим во мициленд. И со бесконечното замајување и бегање од себеси преку реминисценција на силата на нашите прадедовци, тие таквите лажни патриоти прават денес да потонеме во симулакрум на молкот на тажачките и татнежите на пеколот наречен мициленд кои некако Слотердајковски може да ги наслушнеме и се почесто и повеќе ги доживуваме на своја кожа како диктатурата континуирано се зацврстува а сиромаштијата на народот се зголемува.
Нас ни е потребно брзо и робусно чистење на шталите во мициленд од такви квази патриотски приказни за мали деца со кои државата се оддалечува од ЕУ. Не им верувајте на таквите поранешни заевисти а денес мицковисти, тие корења не јадат туку манго и папаја купена со наши, народни пари. И токму ЕУ е единственото Херкулово решение за брзо расчистување на авгиевите штали во мициленд, во кои се накотиле дувла на добро платени слуги на режимот, кои откако на некој начин го победија автентичниот патриотизам и Македонските историски парадигми сега лажат припрости гласачи дека се патриоти со опструирање на денешната најголема патриотска цел на секој Македонец кои не припаѓа на диктаторскиот режим – интеграција на РСМ во ЕУ.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.