Авионите сепак ќе летаат, одложен штрајкот на контролорите за летање

од Nikola Popovski

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски соопшти дека на синоќешната средба во Министерството се постигнал договор за согласност за решавање на барањата кои беа отворени од страна на Синдикатот на М-Нав. Бочварски го поздравил потпишувањето на колективниот договор и одлуката за ангажирање на консултантска фирма која професионално ќе изврши функционална анализа за подобрување на функционирањето на претпријатието.

-Се согласуваме дека воздушниот сообраќај во ова време не смее да трпи и поради тоа најдовме заедничко решение штрајкот да биде одложен. Во меѓувреме продолжуваме со заеднички координации да работиме за целосно реализирање на превземените обврски од двете страни. Министерството за транспорт и врски заедно со менаџментот на М- Нав стои на ставот за спроведување на барањата на Синдикатот, стои во објавата на Бочварски на социјалните мрежи.

Од Министерството ја информираат јавноста дека штрајкот ќе биде одложен, со цел давање на простор за надминување на отворените прашања.

Денеска од 11 до 17 часот, беше најавен штрајк без опслужување на воздушниот сообраќај на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Доколку се реализираше, ќе имаше доцнење и нереализирање на летови и префрлање на патници на други аеродроми.

Клучните барања на Синдикатот се во однос на постапките за вработување, бараат да нема вработувања на друг кадар освен контролори на летање и инженери и техничари, се додека не се направи нова систематизација што ќе биде базирана врз резултатите од студијата што ќе ја подготви консултантска фирма за што се потребни пет до шест месеци.

Во моментов во Контрола за летање недостасува оперативен кадар како контролори за летање и инженери и техничари во службата за техника, кои го сервисираат системот којшто во моментов е застарен, според Синдикатот, но кои треба да работат на инсталирање на донесениот нов систем што треба да биде имплементиран во текот на следната година, а доцни скоро десет години.

Од М-НАВ, пак, рекоа дека останува Синдикатот да ја каже дефинитивната одлука и да го потпише записникот од средбата , бидејќи раководството ги исполнило поставените барања.

Слични содржини