1ТВ, телевизијата чиј неформален сопственик беше Бојан Јовановски – Боки 13, првообвинет во случајот „Рекет“ ќе остане без дозвола бидејќи не ги исполнува минимумот кадровски услови, одлучи Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Телевизијата доби рок од 15 дена да ги исправи пропустите, во спротивно, ќе остане без дозволата за емитување програма.
„За почитувањето на обврските од Правилникот за минимални, технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање на дозвола за радио и телевизиско емитување, Агенцијата изврши вонреден административен надзор по службена должност врз 1 ТВ. Надзорот покажа дека 1 ТВ не ги исполнува минималните кадровски услови утврдени во Правилникот“, соопштија од АВМУ.
Агенцијата донесе одлука и да се проверува скриена сопственост во телевизијата, откако Боки 13 излегуваше со тврдење дека е сопственик, а нејзини сопственици беа неговиот татко, Миле Јовановски и потпретседателката на Меѓународен сојуз, Јасна Мандиќ, двајцата осомничени во проширената истрага за „Рекет“.
Инаку, УЈП објави дека имало нерегуларности во работата на БМЈ Медија Груп и 1ТВ, како и во Томато продукција, фирмата во чии простории беше сместена 1ТВ.
Подоцна се појави и пензионерот Богдан Дамјановски, кој како што рекоа поранешни вработени во 1ТВ, им се претставил како нов сопственик, а потоа во медиумите тврдеше дека посредувал за инвеститор од Холандија.
Иако договорот бил да се преземе телевизијата, но да се платат долговите кон државата, откако инвеститорот ја слушнал сумата од околу 325 илјади евра даночно затајување, тој се откажал од купување, по што телевизијата престана да зрачи во етерот.