АВМУ предупредува: Пресудата против новинарката Лиридона Вејсели е удар врз слободата на изразување

Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) изрази сериозна загриженост поради првостепената судска пресуда од 12 јануари годинава против новинарката Лиридона Вејсели, оценувајќи дека ваквата одлука испраќа негативна порака во однос на слободата на изразување и медиумските слободи.

од desk4
13 прегледи

Како што соопшти АВМУ, пресудата се однесува на обвинение за „злоупотреба на лични податоци“, поврзано со објавување на име и презиме на судија на социјалните мрежи Инстаграм и ТикТок.

Од Агенцијата предупредуваат дека кривичното гонење на новинари за објавување информации за носители на јавни функции, кога тоа е направено во контекст на професионално новинарско работење, создава дополнителен притисок врз медиумите и сериозно го ограничува правото на јавноста да биде навремено и точно информирана.

„Ваквите постапки имаат потенцијал да создадат ефект на заплашување и самоцензура, што е спротивно на демократските стандарди и принципите на слободно информирање“, се наведува во реакцијата.

АВМУ апелира сите релевантни институции и чинители активно да придонесат за создавање услови за непречено остварување на слободата на изразување и информирање, како и за доследна заштита на новинарите и медиумските слободи во земјата.