Како што соопштуваат од Агенцијата, со законските измени за првпат официјално е препознаено постоењето и влијанието на инфлуенсерите и другите физички лица кои обезбедуваат аудиовизуелни медиумски услуги по барање преку дигитални платформи.
Од АВМУ нагласуваат дека сите инфлуенсери, влогери, креатори на содржини и јутјубери кои ги исполнуваат пропишаните услови подлежат на регулација и имаат законска обврска да се регистрираат во Регистарот на даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање.
Обврската се однесува на субјекти кои:
– обезбедуваат аудиовизуелни содржини преку платформи за споделување видеа како YouTube, Instagram, TikTok и слично;
– имаат повеќе од 10.000 следбеници или претплатници;
– остваруваат економски интерес од својата медиумска активност;
– во последните 12 месеци објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини;
– имаат уредничка одговорност и целта на нивните содржини е информирање, едукација или забава.
Критериумите се подетално разработени во Правилникот на Агенцијата, кој ја уредува формата и содржината на пријавата за евидентирање во Регистарот.
Бидејќи станува збор за законска обврска, од АВМУ апелираат сите засегнати инфлуенсери, влогери и јутјубери кои ги исполнуваат условите, во најкраток рок да достават пријава за регистрација.
Сите релевантни документи и информации за обврските на овие субјекти се достапни на официјалната веб-страница на Агенцијата, во посебниот банер „Инфлуенсери/Влогери“, додека за дополнителни појаснувања може да се контактира на е-адресата [email protected].