Аврамовски: Судскиот систем е во мрак: Моќници кочат реформи, додека народот чека правда

од Љубиша Владимиров
22 прегледи

Во дебатната емисија Топ Тема на Телма, Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“ остро реагираше на спорото темпо со кое се спроведуваат реформите во судството. Тој ја критикуваше неефикасноста на институциите, особено во однос на измените на Законот за Судски совет, кои според реформската агенда треба да бидат усвоени за 20 дена.

„Процесот се развлекува веќе две години, а реално, сè можеше да се заврши многу побрзо. Проблемот лежи во тоа што институциите не го земаат предвид реалниот обем на работа, потребните ресурси и трудот што треба да се вложи за да се донесе квалитетно законско решение“, истакна Аврамовски.

Според него, често се случува законите да се носат или менуваат само за да се исполни форма – да се покаже дека нешто е направено – без суштински да се подобри ситуацијата. Тој како пример го посочи новиот Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, кој и покрај долги подготовки, не дал резултати, а веќе се прават нови измени.

„Законот беше подготвуван шест месеци, стапи во сила, се почна со негова примена, а резултати нема. Ниту еден случај не е завршен, а веќе има иницијативи за нови измени. Тоа само покажува дека долготрајноста на процесите не значи дека имало квалитетно планирање“, предупреди тој.

Аврамовски исто така посочи дека за вистинска реформа во судството потребни се подлабоки измени, па дури и измени на Уставот, што бара широк политички консензус. Но, додаде и дека постојат моќни центри во државата кои свесно го кочат напредокот бидејќи не им одговара функционално и независно судство.

Слични содржини