Австралија ќе ја признае Палестинската држава, соопшти денеска премиерот на оваа земја, Ентони Албанезе, приклучувајќи се така на лидерите на Франција, Велика Британија и Канада, коишто претходно соопштија за таквиот потег, јавија светските новински агенции.
Неговиот повици уследија по неколку седмици повици од Владата и дел од австралиската јавност Австралија да ја признае државата Палестина, среде растечкиот бран критики на членови на австралиската влада за страдањата на луѓето во Газа, што Албанезе денеска го нарече „хуманитарна катастрофа“.
Австралиската влада исто така ги критикуваше плановите објавени од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за голема воена офанзива врз Појасот Газа за негово целосно освојување.
Албанезе соопшти дека, исто како Франција, Велика Британија и Канада, признавањето на Палестина ќе биде формално извршено на Генералното собрание на ОН во септември.
Речиси 150 од 193 членки на ОН досега ја признале државноста на Палестина, од кои поголемиот дел тоа го направиле пред неколку децении.
Објавите за признавање на Палестинската држава се главно симболични и Израел изрично ги отфрла.
Австралискиот премиер појасни дека одлуката за признавање уследува по уверување за преземени обврски, што Палестинската управа го дала на Австралија. Во тие обврски следува исклученост на Хамас од палестинската влада и демилитаризација на Газа и одржување избори.
„Решението со две држави е најдобрата надеж за човештвото да се разбие циклусот на насилство на Блискиот Исток и да се прекинат судирот, страдањето и гладот во Газа. Ситуацијата во Газа отиде понатаму од најлошите стравувања на светот. Израелската влада продолжува да се спротивставува на меѓународното право и не дозволува доволно помош, храна и вода за очајните луѓе, вклучувајќи и деца“, порача Албанезе.