Австралија опен: Тенисерите ќе мора да бидат вакцинирани

од Vladimir Zorba

Сите тенисери и другите учесници на Австралија опен, што ќе се одржи во јануари следната година во Мелбурн, ќе мора да се вакцинираат против коронавирус, изјави директорот на воведниот Гренд слем турнир во сезоната, Крег Тајли.

Тоа би можело да значи дека Новак Ѓоковиќ нема да игра на овој турнир, со оглед на тоа што првиот играч на светот не сака да открие дали е вакциниран.

Ѓоковиќ девет пати победи во Мелбурн, а на почетокот на следната година ќе се обиде да стигне до рекордната 21. Гренд слем титула.

– Сите кои се на Австралија опен, навивачите, персоналот и играчите, ќе мора да се вакцинираат. Се шпекулираше за статусот на Новак. Тој јавно кажа дека тоа е негова лична работа. Би сакале повторно да го видиме овде. Но, тој исто така знае дека треба да се вакцинира за да може да игра“, рече Тајли.

Додаде дека во Мелбурн ќе се натпреваруваат Американката Серена Вилијамс и бранителот на титулата Јапонката Наоми Осака, како и Шпанецот Рафаел Надал, кој исто така ќе се обиде да ја освои 21. Гренд слем титула.

Швајцарецот Роџер Федерер нема да игра поради повреда на коленото.

Слични содржини