Австралиската влада истражува дали Новак Ѓоковиќ лажел на своите пријави за влез, додека од кабинетот на австралискиот министер за имиграција Алекс Хок потврдиле дека тој се уште размислува дали да ја укине визата за тенисeрот од Србија, пренесе „Sydney Morning Herald“.
Доколку се утврди дека лажел, според австралиските закони, му се заканува максимална казна од една година затвор.
Да потсетиме, Новак Ѓоковиќ е еден од ретките спортисти кој не е вакциниран против КОВИД-19 и со тоа не се квалификува за влез во Австралија каде што овој месец се одржува првиот Гренд слем сезонава.
Во својата декларација за патување во Австралија, Ѓоковиќ изјави дека не патувал 14 дена пред да пристигне во Австралија на 6 јануари. Ѓоковиќ всушност патувал од Белград во Шпанија во тоа време. Каналот на тениската академија Сото од градот Сотогранде објави видео за новогодишната ноќ како се подготвува на нивните терени …
Сите патници кои доаѓаат во Австралија се прашуваат дали „патувале или ќе патуваат во 14 дена пред летот за Австралија“. Тие исто така предупредуваат: „Давањето лажни или погрешни информации е сериозен прекршок“. Лицето, исто така, може да биде предмет на граѓанска казна за давање лажни или погрешни информации “, со максимална казна од 12 месеци затвор.
Ѓоковиќ одговорил – Не.
Сепак, Ѓоковиќ им кажал на граничните службеници дека Тениската федерација на Австралија ја исполнила декларацијата за патување во Австралија во негово име. Не е јасно дали тоа би можело да го спаси од понатамошни напади на граничарите …
Извори од федералната влада потврдија дека го истражуваат несовпаѓањето. Сојузниот окружен суд во понеделникот одлучи дека на Ѓоковиќ треба да му биде вратена визата бидејќи државата не му дозволила процедурална чесност, давајќи му доволно време да докаже дека има валидно изземање.
Но, Хок би можел да ја искористи својата лична моќ според Законот за миграција за да му ја одземе визата поради јавно здравствени причини. Така, иако Ноле вчера го доби случајот во судот како и правната битка воопшто, визата може да му биде укината во секое време во следните денови …
Неговите адвокати велат дека тој на 16 декември во 13 часот направил ПЦР тест и дека истата вечер околу 20 часот добил позитивен резултат.
После тоа, Ѓоковиќ на 17 декември присуствувал на доделување награди на помлади тенисери без маска во Белград, според фотографиите од настаните кои се појавија во медиумите.
Францускиот весник L’Equipe објави дека Ѓоковиќ бил фотографиран со еден од нивните фотографи на 18 декември.
Српските прописи предвидуваат дека лицето мора да биде изолирано 14 дена доколку се зарази, што значи дека неговиот карантински период би завршил на 30 декември.