Австрија во последните 24 часа евидентира 664 нови случаи на заразени со коронавирус, најголем пораст од март кога бројот на заразени започна да се намалува нагло со воведувањето на строг карантин.
Најголем број новозаразени има во Виена, 387, соопшти во четвртокот Министерството за внатрешни работи.
Стапката на заразени со коронавирус е во пораст од крајот на јуни. Австриската влада најмногу ги обвинува повратниците од туристички земји како што се Хрватска и Шпанија за зголемувањето на заразените.
Австрија се подготвува за претстојната зимска сезона, па минатата недела воведе т.н. корона-семафор што треба да им овозможи на локалните власти да воведат специфични мерки против коронавирусот.
Степенот на зараза се движи од зелена (низок ризик), преку жолта и портокалова до црвена (висок ризик). Секоја боја носи одредени мерки во борбата против ширењето на инфекцијата.
Која боја се наоѓа во одреден регион зависи од бројот на новозаразени во период од седум дена на 100.000 жители, но и од критериуми како што се достапни капацитети во болниците, бројот на извршени тестови и можноста за следење на синџирот на инфекција.
По официјалниот почеток на имплементација во Виена, Грац и Линц и областа Куфштајн, системот покажа „жолто“.