Австрија ќе дава 50 евра на оние кои ќе се тестираат, пред се младите и мигрантите

од Vladimir Zorba

По исклучително нискиот одговор на граѓаните во првиот круг на бесплатно масовно тестирање, австриската влада за вториот круг, објавено од 8 до 10 јануари 2021 година, размислува да го стимулира населението да излезе во голем број за брзо тестирање со брзи анагени тестови. Особено младите и мигрантите кои се повеќе ги има меѓу заразените.

Исто така, во јавноста протекоа вести за наводна сума од 50 евра, за секој австриски државјанин кој би се тестирал. Трошоците би ги сносила државата на федерално ниво.

Кабинетот на австрискиот канцелар Себастијан Курц потврди дека се работи на систем за да се охрабрат граѓаните да направат тест, но како ќе изгледа и дали ќе има финансиска форма, сè уште се молчи. Она за што пишуваат медиумите е дека Владата дискутира за ваучер што треба да биде не само поттик да се оди на тестирање, туку и поддршка на домашната економија. Слично како што направи Градот Виена со давање ваучер од 25 евра за секој жител за употреба во угостителството, по првиот бран на зараза од корона, за да се помогне во закрепнувањето на виенската економија. Но, сегашниот приоритет е да се запре или барем да се забави ширењето на инфекцијата со коронавирус во земјата.

Во изминатите 24 часа беа регистрирани 2.664 новоинфицирани и уште 116 смртни случаи од коронавирус, така што Австрија сега има вкупно 4.764 смртни случаи. Министерството за здравство, исто така, пријави денеска хоспитализирани 3.410 лица, вклучително и 548 пациенти на интензивна нега и моментално 32.656 активни пациенти има во земјата.

Досега во Австрија се регистрирани вкупно 330.343 пациенти и 291.042 излекувани лица. Во изминатите седум дена, дневниот број на новоинфицирани беше 2.763. Просечниот број на индивидуи позитивни на Ковид-19 падна за 11 проценти во последните седум дена. Од денешните 2.664 новоинфицирани, повеќето биле во Горна Австрија (543), Долна Австрија (468), Штаерска (460) и Виена (335).

Слични содржини