Како што изјави Штокер на новогодишната средба на неговата партија, одлуката донесена на референдум би имала правно обврзувачки карактер.
Штокер, кој е член на Австриска народна партија (ОВП), нагласи дека преку референдум директно би се одлучувало за прашањето на воената обврска во земјата.
Неговиот предлог предизвика изненадување кај коалициските партнери. Од Социјалдемократска партија на Австрија (СПО) посочија дека темата треба најпрво да се разгледа во рамки на владата, нагласувајќи дека е потребна дополнителна анализа за тоа дали референдум на сојузно ниво е соодветен чекор.
Слична реакција дојде и од либералната партија НЕОС, од каде потсетија дека било предвидено резултатите од експертските анализи најпрво да се разгледуваат во парламентот. Стручното тело, формирано на иницијатива на владата, неодамна изработи студија со која се предлага продолжување на воениот рок од сегашните шест на осум месеци, со дополнителни два месеци обука во резервниот состав.
Во Австрија, која не е членка на НАТО, во последниот период сè почесто се отвора јавна дебата за воената подготвеност на земјата во случај на евентуален напад. Во јавноста доминираат ставови дека австриските вооружени сили се соочуваат со сериозни слабости.
Во моментов, во Австрија е на сила задолжителна воена служба за сите мажи, при што редовниот воен рок трае шест месеци, додека т.н. цивилна служба трае девет месеци.