Австриската министерка за одбрана Клаудија Танер, која престојува во Загреб, денеска изјави дека Австрија го поддржува забрзувањето на преговорите за пристапување на земјите од Западен Балкан во Европската унија, особено нагласувајќи ја важноста од зајакнување на безбедноста во таа област, а со тоа и Австрија и Хрватска „заеднички се концентрираат на зајакнување на Западен Балкан“.
„Сакаме земјите од Западен Балкан да се приближат што е можно повеќе до Европската унија и ќе работиме на тоа. Лично ќе се обидеме да ја одржиме безбедноста на Западен Балкан и да го заштитиме од влијанието на Русија“, рече Танер. .
Според неа, забрзувањето на преговорите за членство во ЕУ со земјите од Западен Балкан е јасен приоритет за Австрија.
„Долгорочните напори на одделни земји од Западен Балкан мора да се исплатат. Токму поради новите безбедносни предизвици во светот, потребни се активни чекори за заштита на Европа од растечките конфликти и затоа постои јасна потреба за земјите од Западен Балкан да се приближат до ЕУ“, истакна Танер.