Владимир Путин „верува дека ја добива војната“ во Украина, изјави австрискиот канцелар Карл Нехамер во интервју за NBC што ќе се емитува во Соединетите држави во недела.
Во понеделникот, Нехамер стана првиот западен лидер што се сретна со рускиот претседател од почетокот на конфликтот во февруари, тврдејќи дека на состанокот во Москва му рекол на Путин дека „морално ја губи војната“ и дека „сите одговорни“ за воени злосторства мора да бидат изведени пред лицето на правдата.
Во делови од интервјуто на Нехамер за NBC Meet the Press, кое целосно ќе се емитува во недела наутро, австрискиот лидер рече дека верува оти Путин живее „во свој свет“.
„Мислам дека тој сега е во својата воена логика. Тој смета дека војната е неопходна за безбедносните гаранции на Руската Федерација. Тој нема доверба во меѓународната заедница. Тој ги обвинува Украинците за геноцидот во Донбас. Така, додека тој сега е во својот свет, мисли дека знае што се случува во Украина. Но, мислам дека тој верува дека ја добива војната“, рече Нехамер.
Водителот на Meet the Press, Чак Тод, го праша Нехамер за реакцијата на Путин на обвиненијата за воени злосторства.
„Ми рече дека ќе соработува со меѓународната истрага, од една страна, а од друга страна, ми рече дека нема доверба во западниот свет. Така што тоа ќе биде проблем во иднина. Мислам дека меѓународната доверба во Обединетите нации, меѓународна истрага, е неопходна. Така, тоа беше тешка дискусија. Но, се обидов да го убедам дека, на пример, војната во поранешна Југославија ни покажа дека меѓународната истрага е корисна за гонење на воените злосторници“, изјави австрискиот канцелар за NBC.